Нетанјаху го поддржува планот на Трамп за завршување на војната во Газа
Светот го поздравува планот на Трамп за прекин на огнот во Газа. Одредени земји изразија подготвеност да учествуваат во спроведување на мирот и реконструкцијата по војната. Палестинската национална иницијатива обвини дека шефот на Белата куќа е пристрасен кон Израел. Се чека одговор од Хамас...

Европските и блискоисточните лидери го поздравија новиот мировен план за Газа од 20 точки на американскиот претседател Трамп за кој се согласи и израелскиот премиер Нетанјаху.
„Во овие одлучувачки денови ние сме во близок контакт со САД, со Израел, со арапските држави и со европските соседи. Доколку се постигне договор, тогаш Германија е подготвена да учествува во реализацијата на овој план, политички, хуманитарно и за реконструкцијата на областа“, изјави Фридрих Мерц, канцелар на Германија.
„Кина се залага за почитување на принципот на „палестинско управување за Палестина“ и промовирање на спроведувањето на решението за две држави и е подготвена да соработува со меѓународната заедница за трајно решение на палестинското прашање“, изјави Гуо Џиакун, портпарол на МНР на Кина.
Планот на Трамп предвидува итен прекин на воените операции, ослободување на заложниците и палестинските затвореници во рок од 72 часа, непречен проток на хуманитарна помош, разоружување на Хамас.
„Арапските и муслиманските земји се обврзаа да ја демилитаризираат Газа веднаш. Ако не се оствари договореното, Израел и Нетанјаху ќе имаат целосна поддршка од САД, за да ја завршат работата и да го направат тоа што мора да се направи“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
Во Нацрт-документот е предвиден „одбор за мир“ кој ќе ја надгледува транзицијата. Израелскиот премиер тврди дека со понуденото Газа никогаш повеќе нема да биде закана за Израел.
„Го поддржувам планот за завршување на војната во Газа, со што се постигнуваат нашите воени цели. Ќе ги вратиме во Израел сите наши заложници, ќе ги демонтираме воените капацитети на Хамас“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.
Палестинската самоуправа вели дека напорите на американскиот претседател се искрени и решителни. Од Палестинската национална иницијатива го обвинија Трамп за пристрасност и предупредија дека планот не ги решава основните прашања на израелско-палестинскиот конфликт.
„Не мислам дека ние како Палестинци имаме потреба од странско тело, дури и ако на чело е г-дин Трамп за да управува со нашите животи. Ни треба независност. Ни треба слобода. Ни треба крај на окупацијата. А тоа значи дека светската заедница мора да продолжи да врши притисок врз Израел“, изјави Мустафа Баргути, генерален секретар на Палестинската национална иницијатива.
И додека се чека одговор од Хамас, „Исламски џихад“ го осуди планот, нарекувајќи го рецепт за агресија против Палестинците.
Маријана Димовска
