Зголемена воена помош за Украина
Се зголемува воената поддршка за Украина. Вкупно 2 милијарди евра ќе бидат потрошени за беспилотни летала, најавија Фон Дер Лајен и Руте. Зеленски бара уште поголем притисок врз Москва. Путин вели-руските сили се борат за враќање на „единството“ на „историската судбина“ на земјата...

Украинските сили ослободиле повеќе од 174 квадратни километри од почетокот на контраофанзивата операција во Доњацк. Зеленски вели дека Русија бележи загуби на фронтот и побара уште поголем притисок врз Москва.
„Санкциите против Русија се важни, го очекуваме 19-тиот пакет. Исто така, потребна ни е поддршка во одбраната и изградба на заедничка одбрана на источното крило на Европа од руски беспилотни летала и ракети. Голема поддршка би можела да биде и ограничувањето на деструктивната активност на Русија на море. Ако танкерите што ги користи Русија навистина се користат за лансирање беспилотни летала што ја вознемируваат Европа, тогаш очигледно е време да се затвори Балтичкото море и другите мориња за овие танкери“, рече Володимир Зеленски-претседател на Украина.
Претседателката на Европската комисија и шефот на НАТО ја нагласија потребата од забрзување на иницијативата за ѕид од дронови во Европа. Фон Дер Лајен и Руте согласни-ќе ја зголемат воената помош за Украина. Вкупно 2 милијарди евра ќе бидат потрошени за беспилотни летала.
„Европа мора да даде силен и обединет одговор на руските упади со беспилотни летала на нашите граници. И затоа ќе предложиме итни мерки за создавање на ѕид од беспилотни летала. Мора да продолжиме заедно напред со Украина и со НАТО.“, изјави Урсула Фон Дер Лајен-претседател на Европската комисија.
„Им помагаме на украинците затоа што станува збор за нашата колективна безбедност. Клучно е тие да ја одржат борбата, па затоа ние продолжуваме да ги поддржуваме.“, изјави Марк Руте – генерален секретар на НАТО.
Путин во обраќање по повод тригодишнината од анексијата на украинските региони, истакна дека руските сили се борат за враќање на „единството“ на „историската судбина“ на земјата.
„Цела Русија, води праведна битка. Се бориме и победуваме. Заедно, рамо до рамо, ќе продолжиме да го градиме нашиот заеднички дом, голема и независна земја, суверена држава. Ќе ги надминеме сите предизвици и само ќе стануваме посилни.“, изјави Владимир Путин – претседател на Русија.
Путин потпиша указ за регрутација, од утре до 31 декември. 135 илјади лица од 18 до 30 години ќе бидат повикани на воена служба.
Катерина Бојаџиева
