Демографски развој

Мицкоски: Човечкиот капитал е клучен ресурс за развој на државата

30.09.2025 18:53

Македонија се соочува со сериозна демографска криза, бројот на новородени кој во 1950-та достигнува до 50.000 на годишно ниво, сега е тројно намален. Владата и Фондот на население на Обединетите нации со петгодишна стратегија за демографска отпорност…

5.000 новороденчиња помалку за пет години значи помалку првачиња за пет години и помала потреба од образовен кадар во иднина. Залудно се градат градинки, училишта, патишта ако нема кој да ги користи во иднина. Ако продолжи иселувањето и намалувањето на наталитетот, постои ризик од колапс на пензискиот фонд за 20 до 25 години. Човечкиот капитал е клучен ресурс за развој на државата, истакна премиерот Мицкоски на денешната средба во Владата со претставници на Обединетите Нации.

Подобрување на условите и услугите во здравството, образованието, социјалната заштита, пазарот на трудот и вклучување на неискористениот потенцијал содржи петгодишната Стратегијата за демографска отпорност на Владата во соработка со Фондот за население при ОН, со цел справување со демографските предизвици. Македонија е прва земја потписничка на оваа стратегија од регионот.

Инвестирање во младите, овозможување квалитетно образование и услови за работа, но и охрабрување да се вратат во земјава, ќе биде приоритет на Министерството за демографија и млади.

Податоците на ревизорите покажуваат дека од земјава годишно се иселувале околу 2.500 високообразовани луѓе. Но, со демографските предизвици се соочуваат и развиените земји.

Ако во минатото нашиот народ се иселувал од економски причини, последниве години во потрага по пофункционални институции, правна држава, чист воздух.

Александра Велинова