Штип

Кај дел од затруените ученици од штипската сендвичарница откриена бактеријата Салмонела

30.09.2025 18:31

Сè уште трае испитувањето на причините за труењето со храна на ученици од Средното електромашинско училиште во Штип. Бројот на затруени ученици се искачи на 17, четворица се хоспитализирани. Сендвичарницата е времено затворена…

Настанот се случи во петокот, кога дел од средношколците купиле сендвичи со пилешко месо од блиската сендвичарница. За неколку часа дел од нив имале тешки симптоми на труење и побарале лекарска помош. Од страна на Центарот за јавно здравје веднаш се земени примероци од храната, заболените, од вработените и работните површини.

„Во моментот 35 примероци се испитуваат во референтната лабораторија на Институтот за јавно здравје за да се утврди причината за труењето. До сега кај дел од заболените е потврдена салмонела. Центарот за јавно здравје изврши вонреден санитарен преглед на вработените во сендвичарницата, извршена е дезинфекција и темелно чистење на објектот“, велат од ЦЈЗ Штип.

Државниот санитарен инспектор и АХВ извршија инспекциски надзор кај операторот со храна и објектот е времено затворен сè додека не се потврди неговата безбедност со лабораториските резултати кои се очекуваат да бидат завршени деновиве.

Славица Величковска