Обвинителство

Уште една предистрага во Обвинителството за случајот „Пулс“, се истражува и УЈП и други институции

30.09.2025 16:08

Обвинителството отворило уште една предистрага за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“. Првиот човек во Обвинителството, Коцевски, не откри детали, но посочи дека се проверувале повеќе дејствија. Опфатени биле и инспектори од УЈП и од други институции...

Обвинителството отворило уште една предистрага за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“. Првиот човек во Обвинителството, Коцевски, не откри детали, но посочи дека се проверувале повеќе дејствија. Опфатени биле и инспектори од УЈП и од други институции. Коцевски посочи дека со завршување на обвинението не значело дека завршила и постапката за пожарот во дискотеката. За пораките изнесени од неодамна, рече дека не биле ништо ново, тие биле испратени до одбраната, до судот и до полицијата. Ветува дека докрај ќе ги испитаат сите сомнежи.

„Сите овие пораки се испратени до одбраната, до судот, ги имаше и МВР. Но, тоа се многу малку пораки во однос на она што Обвинителството располага во моментов, и има таму можеби уште десетина инкриминирани дејствија. Што значи постапката воопшто не е затворена не само во однос на УЈП туку и во однос на други институции. Политиката е една работа, а работата на ЈО е сосема друга“, изјави Коцевски.

Дали обвинителството ќе истражува евентуални влијанија врз постапката, Коцевски уверува дека нема да се пропушти ниедно инкриминирачко дејствие.

„Тајна е постапката, не можеме да кажеме кои се сторители, но кажав на почеток, ова е ерозија на системот. Обвинителите нема да пропуштат ниту едно дејствие, ниту потенцијален сторител што извршил инкриминирани дејствија а да не биде опфатен со истрага“, дополни Коцевски.

Обвинението за пожарот во „Пулс“, каде загинаа 62 лица, а голем број беа повредени, се очекува да биде оценето до крајот на неделава.

Борис Грујоски