Свет

Американската влада под блокада

01.10.2025 10:18

Владата на САД од денеска прекина голем дел од активностите, откако Конгресот и Белата куќа не успеаја да постигнат договор за буџетот. Илјадници вработени се испратени на неплатен одмор, а основните служби функционираат со минимален капацитет. Најзасегнат е секторот транспорт. Најдолгото затворање на владата во историјата на САД се случи за време на првиот мандат на Трамп…

По тензична дебата и меѓусебни обвинувања, владата на САД и официјално е под блокада откако демократите одбија да го поддржат планот на републиканците за државното финансирање. Точка на сопнување беше законот за здравствена заштита, кој според мнозинството треба да се реши одделно.

„Гледаме дека републиканците ја туркаат Америка во блокада, отфрлајќи ги двопартиските разговори, туркајќи партиски закон и ризикувајќи го здравството на Америка. Тие мора да седнат и да преговараат со демократите за да дојдат до закон што двете партии можат да го поддржат. Тие не го правеа тоа во минатото. Нивниот закон, тие го нарекуваат чист. Ние го нарекуваме целосно партиски“, изјави Чак Шумер, лидер на демократите во Сенатот.

Илјадници вработени се испратени на неплатен одмор, а основните служби функционираат со минимален капацитет. Транспортот е еден од најзасегнатите сектори. Федералната управа за воздухопловство ќе отпушти над 11 илјади вработени, додека контролорите на летање и голем дел од службите за безбедност на патиштата ќе продолжат со работат без парични надоместоци. Владините службеници кои се сметаат за несуштински привремено испратени на неплатен одмор.

„Демократите можеби одлучија да ја затворат владата, но можеме повторно да ја отвориме утре. Се што е потребно е неколку демократи да им се придружат на републиканците за да го усвојат чистиот, непартиски закон за финансирање. И се надевам дека некои од нив ќе ни се придружат за повторно да ја отвориме владата“, изјави сенаторот Џон Тун, лидер на републиканците во Сенатот.

Најдолгото затворање на владата во историјата на САД се случи за време на првиот мандат на Трамп, кога повеќе од пет недели беа прекинати многу активности на федералните служби. Шефот на Белата Куќа пред гласањето вчера се закани дека ќе ги откаже програмите поддржани од демократите и ќе отпушти повеќе федерални службеници.

Маријана Димовска