Полицијата заплени 8 килограми хероин
На домашниот наркопазар достигнува цена од 160 илјади, а надвор и над 250 илјади евра...

8 килограми хероин заплени македонската полиција на граничниот премин Богородица. Поделена во 16 пакувања била складирана во посебно направен букер во предниот дел на автомобил пежо со скопски регистарски таблички. По вештачењето е утврдено дека хероинот е со висок квалитет. На домашниот наркопазар достигнува цена од 160 илјади, а надвор и над 250 илјади евра. Ја пренесувале двајца. Едниот е приведен веднаш по откривањето на хероинот, а другиот по неколку минути, бидејќи се обидел пеш да ја мине границата.
„Возилото било претресено, и согласно со сознанјата што претходно ги имавме, во возилото е пронајдена наркотична дрога хероин, околу 8 килограми, скриена во специјално изготвен бункер. Дрогата е транспортирана од Република Турција кон Република Македонија“, рече министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска.
Полицијата одамна влегла во трагата на овој меѓународен канал за пренесување хероин. Двајцата уапсени биле ангажирани од македонски државјанин кон крајот на месецов да го извршат транспортот од Турција во земјава. Биле следени. Се трага по нарачателот и по другите вмешани. Двајцата приведени заработија кривична пријава.
Наташа Гркова-Петрушевска
