СДСМ и коалицијата одржаа митинг во Штип
Секој глас за СДСМ и коалицијата е цигла во нашиот заеднички дом – порача лидерот на опозицијата од Штип. Кандидатите за градоначалник и советници во Штип се луѓе со интегритет, а програмата нуди локална власт која ќе дава отчет пред граѓаните, а не во партијата-беа дел од пораките на СДСМ и коалицијата на митингот во Штип …

СДСМ и коалицијата ги претставија кандидатите за градоначалник и советници во Штип. Кандидатот за градоначалник Павел Иванов истакна дека пред четири години со големи и нереални ветувања ВМРО ДПМНЕ ја презеде власта, но проблемите во градот сè уште постојат. Дупки на улиците, полни контејнери, неискосена трева и депонија која гори секој ден. Центарот на Штип се гуши во сообраќаен метеж, а уличното осветлување едвај функционира. Водоснабдувањето без прекини стана луксуз за штипјани. Имаме локална власт која ја тресат бројни скандали, кажа Иванов со ветување дека таквиот начин на владеење ќе запре и ќе има систем во кој граѓанинот ќе биде на прво место.
Во програмата на Иванов акцент е ставен врз поддршка на младите семејства преку субвенционирање на станбените кредити за нив, но и на старите и лицата со посебни потреби преку изградба на инклузивен дом за достоинствена старост и социјална интеграција. Младите претприемачи ќе добијат простор за развој на нивните идеи во стартап инкубатор. Во програмата на СДСМ и коалицијата планирани се и субвенции за енергетска санација на фасадите и покривите преку проектот „топол дом за сите“. Лидерот на СДСМ Венко Филипче дека на овие избори слоганот „Се бориме за нашиот дом“ ги претставува сите борби на Македонците. Од илинденската, преку антифашистичката и до заложбите за евроатлантски интеграции. И сега е време за борба, за нашата улица, за нашиот сосед, да се бориме за секое дете што расте во сиромаштија“ истакна Филипче и најави транспарентна локална власт во Штип која ќе дава отчет пред граѓаните, а не во партијата
СДСМ на овие избори излегува со квалитетна понуда, со луѓе со интегритет и докажани во својата професија. Филипче побара поддршка на денот на гласањето со апел дека секој глас за СДСМ и коалицијата е цигла за нашиот заеднички дом.
Славица Величковска
