Блиски Исток

Се чека одговорот од Хамас за мировниот план

01.10.2025 18:10

Светот е во очекување на одговорот од Хамас за планот на Трамп за Газа. Првите сигнали се дека групата ќе го отфрли, бидејќи смета дека не ги задоволува интересите на Палестинците. Времето истекува, Нетанјаху се заканува – за повлекување од појасот не станува ниту збор...

Додека Израел продолжува со нападите врз Газа, Хамас го разгледува мировниот план од 20 точки на американскиот претседател. Три до четири дена е рокот за одговор кој Трамп ѝ го даде на палестинската милитантна група. Неколку земји го повикаа Хамас да даде позитивен одговор на предложениот договор за прекин на огнот, додека одделни извештаи посочуваат дека терористичката група ја смета понудата за неправедна кон Палестинците и оти веројатно ќе ја отфрли. Нетанјаху нема намера да ги повлече израелските сили од енклавата.

„Во Вашингтон се согласив со претседателот Трамп за план за ослободување на сите наши заложници и постигнување на сите воени цели што ги поставивме. Ќе обезбедам подетален извештај и за членовите на владата и за членовите на кабинетот“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.

Поглаварот на римокатоличката црква, изрази надеж дека Хамас ќе го прифати американскиот мировен план.

„Се надевам дека Хамас ќе го прифати во предвидениот рок. во планот има многу интересни елементи. Од суштинско значење е да дојде до прекин на огнот и ослободување на заложниците“, изјави Папата Лав 14.

Семејствата на заложниците и војниците го повикаа Трамп да не биде „измамен“ од Нетанјаху.

„Господине Трамп се восхитуваме на вашата помош, но мора да ве предупредиме, бидете внимателни. Нетанјаху може повторно да ве измами. Не дозволувајте“, изјави татко на двајца војници.

„Израелската влада ни продава лага дека само воен притисок ќе го елиминира Хамас и ќе ги врати заложниците и затоа испраќа војници во смрт, во војна која нема цели и служи само на политички интереси“, изјави Вики Коен, мајка на заложник.

Во меѓувреме, американски антиизраелски и пропалестински групи го критикуваа мировниот предлог на Трамп кој доаѓа по речиси две години војна, во која загинаа десетици илјади луѓе.

Катерина Бојаџиева