Локални избори 2025

Османи: Секое маало ќе има минимум два паркинга

01.10.2025 17:38

Кандидатот на Националната алијанса за интеграција за градоначалник на Чаир, Бујар Османи претстави како тој го гледа развојот на оваа општина. Османи рече дека на Чаир итно му се потребни нови паркинг места, и оти тоа ќе го обезбеди во секое маало. Тој смета дека општината е пред целосен хаос...

Ред, транспарентност и европски изглед на општина Чаир, најави кандидатот за градоначалник од Националната алијанса за интеграција, Бујар Османи. Тој најави решение за хроничниот недостиг од паркинг-места во општината.

„Чаир е задушен, претворен е во општина на автомобили. Едноставно нема простор, улиците се претворени во паркинзи, тротоарите се претворени во паркинзи, и веќе нема слободни тротоари во Чаир. Дури и парковите почнаа да се полнат со автомобили. Граѓаните секојдневно живеат во анксиозност и стрес, а од разговорите со нив дознавам дека некои дури размислуваат да се иселат поради овој хаос“, изјави Османи.

Османи рече дека ако ја добие довербата од граѓаните на Чаир ќе изгради нови катни гаражи, како и подземни паркиралишта.

Османи оцени дека последните јавни собирања и масовниот одѕив за време на неговите митинзи ја отсликуваат новата енергија што владее во општината и која според него, претставува јасна порака за потребата од промени.

 

Борис Грујоски