Димитриевски ветува развој на стопанството
Кандидатот за градоначалник на ЗНАМ во Куманово, Максим Димитриевски во посета на стопанственици. Доколку ја добие поддршка за третиот мандат ветува развој на стопанството, нови индустриски зони.

Развој на домашното стопанство и поголем простор за домашни и странски инвестиции, е главната цел во третиот мандат на кандидатот за градоначалникот на Куманово од ЗНАМ. Димитриевски кој се сретна со неколку стопанственици вети развој на нови индустриски зони.
„Во Општина Куманово функционира локално економскиот социјален совет наша идеја е да формираме ист таков и за жени претприемачи во градот, бидејќи имаме голем број на дами кои успешно функционираат и со семејни домашни компании и секако јас како кандидат и советниците на листите, ќе продолжиме со истата агенда, Куманово да го видиме како перспективна општина за домашни и странски компании но и да го трансформираме како еден од главните економски центри на Балканот“, дополни тој.
Кандидатот на ЗНАМ ќе се залага и за дополнителна помош за занаетчиите како гранка која го развива стопанството, но и за други дејности.
„Реконструкција на двата зелени пазари со барање на приватен партнер којшто би влегол во инвестиција. Фонд за поддршка на млади претприемачи и стартап компании за младите. Поддршка на занаетчиите, уметниците, и сите креативни луѓе во градот, обучување и доквалификација на нашата работна сила бидејќи бројот на невработени лица во Куманово е голем“, дополни Димитриевски.
Најавуваат и создавање туристички пакети како и нивно брендирање.
Елена Георгиевска
