Опериран Британец во „Филип Втори“
Имал вроден деформитет на коските на градниот кош кој притискал на белите дробови и на срцето и ја отежнувал нивната работа. Како малечок го сметал за естетски проблем...

30 годишниот професор од Велика Британија Симон Денис Стивен Реес кој привремено живее и работи во Италија спасот го нашол во Македонија и своето здравје и го доверил на болницата Филип Втори. Имал вроден деформитет на коските на градниот кош кој притискал на белите дробови и на срцето и ја отежнувал нивната работа. Како малечок го сметал за естетски проблем.
,,Кога го гледав градниот кош на другите луѓе, тоа природно имаше психолошки ефекти на мојата самодоверба, а особено на базени, на плажа, не ми беше пријатно кога требаше да се соблечам. Се чувствував засрамено. И покрај тоа, и натаму си го живеев животот, многу спортував, бев во добра здравствена состојба“ рече Симон Денис Стивен Реес, пациент од Велика Британија.
Подоцна сфатил дека здравјето и животот му се загрозени.Скромната учителска плата не му дозволила да го реши проблемот во родната земја ниту во Италија, зашто и времето на чекање е подолго и е 3-4 пати поскапо.
,,Многу се скапи трошоците за процедурата во Британија и во Италија-20 илјади евра што не можев да си го дозволам“, вели Стивен Реес.
На интернет го пронашол доктор Жан Митрев и не жали што му ја дал довербата. Опериран е пред 5 дена со минимални странични резови на градниот кош и со метална прачка му е поткрената коската што го притискала. Порано ваквите зафати биле многу понепријатни со отворање на целиот граден кош и сечење на коските, многу повеќе крвавање, болки и долго време за заздравување.
„Има еден модерен пристап, една минимално инвазивна процедуракадешто се кроситат специјални техники и еден специјален обрач кој се вградува под градната коска и таа во тој момент веднаш се исправува и корегира, и со тоа се корегираат сите други проблеми“, вели Академик д-р Жан Митрев-директор на Специјалната болница Филип Втори.
Малку луѓе знаат дека ваква интервенција се врши во Филип Втори каде што досега се изведени над 50 операции. Услугата не ја покрива Фондот за здравствено осигурување. Се плаќа приватно, околу 6 000 евра. Според статистиката на еден милион жители 100 пациенти страдаат од ова.
,,Се чувствувам прекрасно и резултатите што успеа да ги постигне д-р Митрев се за поздравување. Луѓето што ме оперираа се квалитетни.. Секако, она што ми беше камен, што ме потиснуваше, сега е отстрането, и тоа влијае на мојата самодоверба. Сега сум среќен, и тоа е голема промена. Она што го најдов тука, не можам да го најдам во регионот или надвор од Западна Европа. За мене ова беше можеби единствениот начин да ја направам операцијата, да се чувствувам безбедно и релаксирано“, вели Симон Денис Стивен Реес, пациент од Велика Британија.
За неколку дена ќе излезе од болницата, а пред да замине дома, ќе остане малку во Скопје. Хирургот Митрев покажа не само стручност туку и гостопримство за младиот Британец, кој вели дека своето позитивно искуство во Македонија ќе го пренесе секому на кого му е потебна ваква здравствена услуга.
Соња Стојановска
