Украина

Зеленски бара силен одговор од Европа за Русија

02.10.2025 08:46

Европските сојузници сложни во ставот дека поддршката за Украина е клучна за безбедноста на Европа.

Додека Русија продолжува со масовни напади низ Украина, а европските лидери во Копенхаген кројат заедничка стратегија за зајакнување на одбраната, Зеленски ги повика да се обединат со посилен одговор на руската агресија и да престанат да купуваат руска нафта.

„Ова исто така ќе помогне и на нашите односи со Америка и со претседателот Трамп кој сака да види дека Европа презема конкретни чекори против Русија за оваа војна. Клучно е Европа да го ограничи купувањето на руски ресурси, особено нафта“, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Европските сојузници сложни во ставот дека поддршката за Украина е клучна за безбедноста на Европа.

„Европската Унија цврсто стои покрај Украина и е ангажирана на сите фронтови за постигнување праведен и траен мир. Нов пакет санкции е на маса, насочен кон приходите од нафта, банките, криптовалутите и ’флотата во сенка‘“, нагласи Антонио Кошта, претседател на Европскиот совет.

Лидерите во Копенхаген дадоа широка поддршка за приоритетни одбранбени проекти, меѓу кои и изградба на „европски ѕид против дронови“ и зајакнување на источните граници поради руската закана.