Локални избори 2025

ВМРО-ДПМНЕ одржа митинг во Кавадарци

02.10.2025 17:59

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски ја обвини опозицијата дека уште од првиот ден почнала со негативна, црна кампања. Кандидатот за градоначалник, за трет мандат Митко Јанчев - порача дека тој не ветува, туку остварува …

Лидерот на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на митингот одржан во Кавадарци, кажа дека опозицијата, СДСМ, уште првиот ден започнала со црна, негативна кампања. Тоа според него било оти немале што друго да понудат на граѓаните и гласачите. Гола реторика, без докази и аргументи, без програма. Раководството, СДСМ ја свело партијата на приватно гранапче за бранење на лични интереси.

Лидерот на владејачката партијата ги повика граѓаните кои се двоумат сè уште, или размислуваат да не излезат на гласање на локалните избори на 19-ти октомври, да не седат дома, оти тој нереализиран глас, бил глас за опозицијата. Мицкоски кажа дека како Влада, за толку кратко време, вложиле толку многу пари и ги помогнале општините со половина милијарда евра, поддршка од централниот буџет за локалните власти. Тоа досега не го сторила ниту една Влада, во самостојна Македонија. Дел од тие средства завршиле и во општина Кавадарци. Потенцираше дека кандидатот на нивната партија, се докажал во изминатите осум години, со дела, со работа, со резултати. Дека нудел проект повеќе во интерес на граѓаните и го сменил ликот на општината. Кандидатот за градоначалник на Кавадарци Митко Јанчев, рече дека тој не ветува, туку остварува. Затоа ја бара поддршката на граѓаните за трет мандат. Тој рече дека последната година со поддршка од Владата имале голема реализација на капитални инфраструктурни проекти, кои го менуваат на подобро животот во општината. Се инвестирало и во руралните средини, ниту едно село не било заборавено. Посебно го издвои финансирањето на спортот а градските клубови во фудбал, ракомет и кошарка се гордост на кавадарчани. Потсети дека се прв град во Македонија, „Сејф сити“ со 400 камери.

Јанчев меѓу другото вети изградба на старечки дом, изградба на експресен пат до Стоби, за кавадарчани да не минуваат низ Неготино и Росоман, ќе добијат и реконструиран градски базен, изградба на нова скијачка патека на Михајлово, бесплатен оброк и за учениците од петто до деветто одделение.

Петар Печков