Уставни измени

Дефинирањето на бракот ја разгоре дебатата во Собранието

27.08.2014 17:30

Да не се прифати затоа што е назаден и нетолерантен, побараа пратениците со опозициски ставови. За поддржувачите измените ќе доведат до зацврстување на традиционалните вредности кон кои се ориентирани најголемиот дел од граѓаните во земјава...

Дефинирањето на бракот како заедница меѓу еден маж и една жана  предложено во форма на нацрт – амандман за промена на уставот ја разгоре дебатата во Собранието. Да не се прифати затоа што е назаден и нетолерантен, побараа пратениците со опозициски ставови. За поддржувачите измените ќе доведат до зацврстување на традиционалните вредности кон кои се ориентирани најголемиот дел од граѓаните во земјава.

„13 посто од популацијата која што има поинаква ориентација не им даваме основни човечки права“, рече Солза Грчева, пратеник.

„И со петнаесет жени како султан Сулејман и триесет нека има, немам ништо против, меѓутоа тоа не значи дека јас треба да дадам поддршка на таквата иницијатива“, рече Андон Чибишев, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.

Истополовите заедници, дури и во вонбрачна форма нема да се дозволат со измените во Уставот-стои во нацрт верзијата.

„Не се само ЛГБД луѓето кои ќе бидат со ова оштетени, туку и други граѓани кои од различни лични причини се здружиле во заедница. Тоа може да биде и постар човек и дете кои живеат со други луѓе“, рече Лилјана Поповска од ДОМ.

„Што ќе се преземе против оние луѓе кои и понатаму ќе живеат во партнерска заедница, хомосексуалните бракови дали ќе бидат прогонувани, жигосувани, одстранувани од општеството“, рече Роза Топузова Каревска, пратеник.

„Ваквите дискфаливикаации коишто доаѓаат кон огромното мнозинство на граѓани на Република Македонија, коишто ги споделуваат традиционалните и семејни вредности, говори тоа дека постои агенда да се редефинира бракот“, оцени Владимир Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ.

На предложените измени им претстои расправа во која се очекува да се вклучи експертската јавност и невладиниот сектор.

Анита Димитријевска