Реакции откако Израел ја запре хуманитарна флота за Газа, се чека одговорот од Хамас
Флотата за Газа запрена од Израел. Приведени активисти, меѓу кои и Грета Тунберг. Протести во неколку европски градови, рекации и од европските лидери. Светот во исчекување на одговор од Хамас на мировниот предлог на Трамп. Во енклавата засилени израелски напади...

Израел пресретна дел од хуманитарната флота за Газа и приведе активисти, меѓу кои и Грета Тунберг. Тел Авив понуди мирен трансфер на помошта, но Турција и Хамас потегот го оценија како тероризам. Избувнаа протести во неколку европски градови. Демонстрантите го осудија пресретнувањето на флотата и побараа заштита за лицата кои се наоѓаат на бродовите. Реакции и од европски лидери.
„Ѝ пренесовме на израелската влада дека е неопходно да се заштитат правата, не само на нашите државјани, туку и на сите учесници во флотилата. Од наша страна ќе обезбедиме целосна дипломатска заштита“, изјави Педро Санчез, премиер на Шпанија.
„Правиме сè што можеме за овие луѓе да се вратат во Италија што е можно поскоро. Верувам дека сево ова не му носи никаква корист на палестинскиот народ“, изјави Џорџа Мелони, премиер на Италија.
„Ќе им овозможиме конзуларна помош на оние кои се приведени. Тоа е хуманитарна мисија, нема закана за никого освен да се донесе хуманитарна помош за луѓето во Газа“, изјави Мајкл Мартин, премиер на Ирска.
Светот во исчекување на одговор од Хамас на мировниот предлог на Трамп, додека Израел нуди избор-мир или ескалација. Постојаниот израелски претставник во Обединетите нации истакна дека за првпат по многу месеци, постои јасен пат за враќање на заложниците дома. Палестинскиот амбасадор во ОН ги поздрави напорите на претседателот Трамп за ставање крај на војната.
„Многу земји веќе ветија поддршка. Хамас сè уште не ја прифати. Одлуката е нивна, тие треба да знаат дека ова може да се направи на лесен, или на потежок начин, но ќе се направи. Ако го отфрлат планот, Израел ќе ја заврши работата и ќе ги врати сите заложници дома“, изјави Дени Данон, постојан претставник на Израел во ОН.
„Ги поздравуваме важните напори на Трамп за ставање крај на крвопролевањето. Го поздравуваме и неговото јасно отфрлање на анексијата на палестинската земја и на присилното раселување на палестинскиот народ“, рече Ријад Мансур, постојан претставник на Палестина во ОН.
Во Газа засилени израелски напади по последните предупредувања за евакуација. Околу 15.000 ранети и болни лица се во критична состојба и чекаат соодветна медицинска нега. Меѓу нив има 4.500 деца.
Катерина Бојаџиева
