Локални избори 2025

Сто милиони евра за развој најави ВМРО-ДПМНЕ на митингот во Кочани

03.10.2025 17:14

„Ќе треба многу време за да се залечат раните од трагедијата, но ќе треба и многу работа за го дигнеме Кочани на нозе“ – порача кандидатот за градоначалник на Кочани од ВМРО ДПМНЕ и коалицијата. Лидерот на партијата најави дополнителни 100 милиони евра за развој на Кочани...

На трибина насловена „Иднина за Кочани“ ВМРО-ДПМНЕ ја претстави програмата на својот кандидат за градоначалник и на советниците на Кочани. Акцентот е ставен на проекти за закрепнување после трагедијата во март, во вложување во инфраструктура и развој на градот и регионот. За таа цел лидерот на партијата најави дополнителни 100 милиони евра за развој на Кочани во период од четири години почнувајќи од 2026 година. Ова се дополнителни средства само за Кочани, надвор од тековните трансфери од државниот кон општинските буџети.

Владата и понатаму останува партнер со општините, истакна Мицкоски, за 15 месеци од централниот буџет распределени се околу 500 милиони евра на општините.

„Ќе треба многу време за да се залечат раните од трагедијата, но ќе треба и многу работа за го дигнеме Кочани на нозе. Мора да се исправиме, заеднички да продолжиме и да покажеме дека Кочани може да биде симбол за развој“, порача кандидатот за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ д-р Владко Грозданов.

На трибината во Кочани беше кажано дека на претстојните локални избори се гласа за две опции. Едната е ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата која нуди напредок на државата, а другата опција е непринципиелната коалиција во која членуваат Венко Филипче, односно Зоран Заев, Али Ахмети и Димче Апасиев.

Мицкоски ја осуди црната кампања и најави дека по изборите ќе бидат санкционирани сите кои сториле криминал. Порача дека тоа нема да биде политички прогон, туку аплицирање вистинска правда. Лидерот на партијата вети дека ќе стори се што е во негова моќ виновниците за трагедијата во Кочани да бидат изнесени пред лицето на правдата и да ја добијат заслужената казна, а владата ќе направи се никогаш да не се повторат најтешките моменти од современата историја на Македонија како држава.

 

Славица Величковска