свет

Аеродромот во Минхен привремено затворен поради дронови

03.10.2025 10:04

Поради закана од дронови, аеродромот во Минхен неколку часа беше затворен. Прекинот на авиосообраќајот следи по неодамнешни инциденти со дронови низ Европа. Бранот воздушни упади поттикна разговори во Европската унија за изградба на таканаречен „ѕид од дронови“ …

Аеродромот во Минхен повторно функционира, откако беше затворен речиси седум часа поради забележани дронови, што доведе до откажување и пренасочување на десетици летови, погодувајќи околу 3.000 патници. Инцидентот е последен во низата европски затворања поради непознати беспилотни летала, поради што Данска веќе ја забрани нивната употреба.

Токму зачестените нарушувања од дронови, како и неодамнешните руски упади во европскиот воздушен простор, ги обедини лидерите на Самитот во Копенхаген и потребата од европски штит од дронови и зајакнувањето на источната граница. На маргините на Самитот, Украина остана во фокусот на низата средби меѓу Зеленски и западните сојузници.

„Сите гледаме дека Русија ги засилува своите деструктивни акции, а она што сега е најважно за безбедноста на Европа е политичката волја. Тие се јасно решени да одговорат на растечката закана од дронови. Сите овие инциденти ја покажуваат потребата од заедничко дејствување“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Додека Западот ја засилува безбедносната стратегија против руската агресија, Путин ја обвини Европа дека ја продолжува војната во Украина и го блокира мировниот процес. Тврди дека „киевскиот режим“ ќе мора да седне на преговарачка маса поради недостаток на луѓе, а испораката на ракети „Томахавк“ нема да ја смени ситуацијата, но ќе ги влоши односите Русија – САД.

„Сите земји на НАТО се во војна против нас. Одговорноста за неуспехот да се запрат борбите не лежи кај мнозинството, туку кај малцинството, првенствено кај Европа, која постојано бара конфликт. Во Европа е основан посебен центар кој поддржува сè што прават украинските вооружени сили“, изјави Владимир Путин, претседател на Русија.

Во истовреме украинскиот фронт продолжува да гори. Руските сили извршија комбинирани напади со беспилотни летала и ракети на истокот од Украина, погодувајќи ги регионите Дњепропетровск и Полтава, по што Киев одговори со жесток удар врз Русија погодувајќи хемиска фабрика на 1.700 км оддалеченост во Урал.

 

Бојана Крстевски