Култура

Во Македонскиот културно-информативен центар во Софија ќе биде отворена изложба на Мирослав Масин

03.10.2025 15:01

Изложбата е ретка можност за бугарската јавност да влезе во светот на еден исклучителен автор. Делата што ќе бидат изложени – работени во класична техника, на големи формати – се повеќе од слики...

Во галеријата на Македонскиот културно-информативен центар (КИЦ) во Софија денеска ќе биде отворена изложбата „Колоритот на генијот“ од Мирослав Масин. На отворањето ќе биде присутен и авторот.

Изложбата е ретка можност за бугарската јавност да влезе во светот на еден исклучителен автор. Делата што ќе бидат изложени – работени во класична техника, на големи формати – се повеќе од слики: тие се внатрешни пејзажи, визуелни прашања и емоционални извештаи од едно внатрешно патување. Ова не е изложба што само се гледа. Ова е изложба што се чувствува. Ова е покана да се сопреме, да погледнеме кон себе, и можеби, за миг, да се вивнеме над секојдневието, наведува Македонскиот културно-информативен центар во Софија.

Според Македонскиот КИЦ, Масин е уметник кој не припаѓа на трендови, туку ги создава.

Неговата работа е исклучително самосвоја - втемелена во класично сликарство, но отворена кон современи визуелни истражувања. Тој не се плаши од трансмедијалност: користи инсталации, видео арт, сценски дизајн, создава дела што се блиски до перформанс, но во основата секогаш останува верен на сликарството како суштински медиум на духовно изразување. Во неговите дела, особено во последните години, птицата станува доминантен симбол - не како декор, туку како визија, како внатрешен глас, како лична и колективна алегорија. Птицата кај Масин е средба меѓу телото и духот, меѓу човекот и неговиот сон, меѓу реалноста и она што сакаме да биде. Таа е мост, но и бездна. Лет, но и паѓање. Птиците на Масин не се ни реалистични, ни фантастични, тие се психолошки облици, немирни сенки, патници низ човековата потреба да се разбере себеси. Во тој летен јазик, сликарството се ослободува од потребата да „прикаже“ и станува можност да се „доживее“, истакнува Македонскиот културно-информативен центар.