Локални избори 2025

СДСМ одржа митинг во Општина Аеродром

03.10.2025 17:29

Владата на ВМРО-ДПМНЕ за година и пол не направи ништо за државата да напредува, рече на митингот пред аеродромци, лидерот на СДСМ Филипче. Општината не смее да се претвори во скопска депонија, туку во скопска гордост, порача пред граѓаните кандидатот за градоначалник Александар Трајановски...

Ставаме крај на ѓубрето и отровниот воздух, Аеродром не смее да се претвори во скопска депонија, туку скопска гордост порача пред граѓаните кандидатот за градоначалник на СДСМ, Александар Трајановски. Дел од програмата е и реформа на јавните претпријатија, крај на листите за чекање за упис на деца во градинките. Во здравството најголем новитет е воведување локален сервис за парамедицинска помош, што според него е потребно заради долгите чекања на брзата помош.

Посебен акцент стави на младите, формирање фонд за млади и изградба на културен центар со кино, театар и изложбен простор.

Покрај тоа, најави изградба на нова општинска зграда за поефикасно да им се служи на граѓаните, како и подобрување на инфраструктурните врски со соседните општини.

„Економските политики се катастрофални, просечната плата три месеци се намалува, за повеќе од половина се намалени странските инвестиции, паѓа индустриското производство, се намалува бројот на вработени“, рече лидерот на социјал демократите Венко Филипче пред симпатизерите од Аеродром.

Тој предупреди дека сериозно е влошена состојбата со ликвидноста на илјадници компании кои се доведени во криза и доцнат со исплата на плати. Претседателот на социјалдемократите Филипче упати критика до актуелниот градоначалник, кој според него не заслужува реизбор.

За депонијата Вардариште – социјал демократите нудат конкретен план за решавање на проблемот со овој, како што велат, опасен извор на загадување. Потребен е силен надзор и системско управување со отпадот. Ова велат, не е предизборна флоскула, туку животна потреба, затоа што никој повеќе нема право да си игра со здравјето на граѓаните. Социјал демократите во Аеродром најавија изградба на две нови градинки во Мичурин и Ново Лисиче и проширување на постојните, со цел да се реши проблемот со листите за чекање. Нема да дозволиме нови висококатници во најгусто населените делови. Целосно ќе го запреме урбанистичкиот терор и бетонизацијата, велат од СДСМ.

 

Миле А. Ристески