Аеродромот во Минхен повторно отворен по прекинот поради дронови
Аеродромот во Минхен повторно функционира, откако беше затворен речиси седум часа поради забележани дронови, што доведе до откажување и пренасочување на десетици летови, погодувајќи околу 3.000 патници...

Аеродромот во Минхен повторно функционира, откако беше затворен речиси седум часа поради забележани дронови, што доведе до откажување и пренасочување на десетици летови, погодувајќи околу 3.000 патници.
„Подобро е што сме на земја, мислам тука е сè средено. Имаме сè што ни треба. Персоналот е одличен, а полицијата се грижи ништо да не ни се случи“, изјави Сабине Мунц, заглавен патник.
Инцидентот е последен во низата европски затворања поради непознати беспилотни летала, поради што Данска веќе ја забрани нивната употреба. Токму зачестените нарушувања од дронови, како и неодамнешните руски упади во европскиот воздушен простор, ги обедини лидерите на Самитот во Копенхаген и потребата од европски штит од дронови и зајакнувањето на источната граница. На маргините на Самитот, Украина остана во фокусот на низата средби меѓу Зеленски и западните сојузници.
„Сите гледаме дека Русија ги засилува своите деструктивни акции, а она што сега е најважно за безбедноста на Европа е политичката волја. Тие се јасно решени да одговорат на растечката закана од дронови. Сите овие инциденти ја покажуваат потребата од заедничко дејствување“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Додека Западот ја засилува безбедносната стратегија против руската агресија, Путин ја обвини Европа дека го продолжува конфликтот во Украина и го блокира мировниот процес. Тврди дека „киевскиот режим“ ќе мора да седне на преговарачка маса поради недостиг од луѓе, а испораката на „Томахавк“ ракети нема да ја промени ситуацијата на терен, туку ќе ги влоши односите со САД. Иронично, во шега ги отфрли обвинувањата за руска вмешаност во минатонеделните инциденти над европските аеродроми.
„Нема веќе да го правам тоа. Нема да испраќам дронови во Франција, Данска или Копенхаген. Можеби во Лисабон — но навистина, каде уште би можеле да одат? Знаете, некои луѓе отсекогаш биле фасцинирани од НЛО, и таа фасцинација сè уште постои. Но, и Европа си има свои чудни ликови, исто како и ние овде. Особено помладите — тие би лансирале дронови секој ден“, изјави Владимир Путин, претседател на Русија.
Во истовреме украинскиот фронт продолжува да гори. Руските сили извршија комбинирани напади со беспилотни летала и ракети на истокот од Украина, погодувајќи ги регионите Дњепропетровск и Полтава, по што Киев одговори со жесток удар врз Русија погодувајќи хемиска фабрика на 1.700 км оддалеченост во Урал.
Бојана Крстевски
