Левица од Велес ја започна кампањата за локалните избори
На партиското претставување во Велес, носителот на советничката листа, Димче Ацков кажа дека кампањата ќе ја водат преку средби со граѓани да ги слушнат нивните проблеми, ќе се борат против непотизмот и тендерското работење. Лидерот Апасиев очекува подобар резултат од ланските парламентарни избори, по број на гласови.

Со пораката од Рацин, „Сепак ќе победиме“ носителот на советничката листа на Левица, Димче Ацков, го започна обраќањето од граѓанскиот собир во Велес. Порача дека како членови на Советот ќе се борат против непотизмот, тендерското работење, да го разобличат и откријат за јавноста.
Ацков изрази благодарност до неговите колеги сопартијци, досегашните тројца советници, и најави дека ќе продолжеле со истата работа, се до победата.
Се обрати и лидерот на партијата Димитар Апасиев, кој рече дека на овие локални избори, не се рамноправен учесник, оти биле спречени да се рекламираат. Но и покрај тоа, најави дека ќе имаат повеќе од 70 илјади гласа, кои ги освоија на парламентарните избори лани. На прашањето зошто немаат кандидат за градоначалник, одговори дека немале соодветна личност за оваа функција.
Петар Печков
