Одобрено обвинението за пожарот во „Пулс“, ќе им се суди на 37 обвинети
Кривичниот суд во целост го одобри обвинението за пожарот во дискотеката „Пулс“ во кој загинаа 62-ца. Ќе им се суди на 37 обвинети кои се товарат за тешки дела против општата сигурност. Името на судијата кој ќе ја води главната расправа ќе биде познато идната недела.

37 обвинети за стравотниот пожар во дискотеката „Пулс“ седнуваат на обвинителна клупа. Ќе им се суди за тешки дела против општата сигурност.
Советот за оценка го одобри обвинението, а со главната расправа ќе раководи судијката Диана Груевска – Илиевска.
Од Кривичен појаснуваат дека оценката на обвинението била забавена, бидејќи две од три судијки колку што првично биле во Советот побарале изземање. Едната имала ќерка која е адвокат на обвинет во овој случај, а втората судијка е роднина на оштетен. Долго се одвивала и кореспонденцијата со 33-цата бранители кои ги застапуваат обвинетите.
Од судот велат дека и покрај тоа што на адвокатите им се најавувал термин за достава на обвинението, сепак дел од нив не биле во канцелариите кога судските курири требало да им го врачат документот.
Анита Димитријевска-Велковска
