Израелската влада нареди запирање на офанзивните операции во Појасот Газа
Израелската влада нареди запирање на офанзивните операции во Појасот Газа. Се подготвува за „итна имплементација“ на првата фаза од планот на американскиот претседател по одговорот на Хамас. Според Трамп „сите страни ќе бидат третирани фер“. Макрон изрази оптимизам за ослободувањето на сите заложници и прекинот на огнот во газа. Хамас се согласува со дел од мировниот планот од 20 точки за завршување на војната во Газа, вклучувајќи го ослободувањето на заложниците, но не ги исполни барањата на Нетанјаху да се предаде и да се разоружа...

Израелската влада се подготвува за „итна имплементација“ на првата фаза од планот на американскиот претседател по одговорот на Хамас. Владата ѝ наредила на војската да ги ограничи офанзивни операции во Појасот Газа.
Трамп вели дека според мировниот план, „сите страни ќе бидат третирани фер“.
„Сакам да им се заблагодарам на земјите што помогнаа во ова. Катар, Турција, Саудиска Арабија, Египет, Јордан и многу други. Ни беше дадена огромна помош. Сите беа обединети во желбата оваа војна да заврши и да видиме мир на Блискиот Исток. Многу сме блиску да го постигнеме тоа. Сите страни ќе бидат третирани праведно“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
Европските лидери изразија оптимизам за ослободувањето на сите заложници и прекинот на огнот во Газа.
„Обврската на Хамас мора да се исполни без одложување. Сега имаме можност да направиме решителен напредок кон мирот. Франција ќе ја одигра својата целосна улога во согласност со своите напори во обединетите нации, заедно со САД, Израелците и Палестинците и сите свои меѓународни партнери. Благодарност до претседателот Трамп и неговиот тим за посветеноста“, изјави Емануел Макрон, претседател на Франција.
„Ослободувањето на заложниците и мирот за Газа се на дофат. Германија целосно го поддржува повикот на претседателот Трамп до двете страни. Заложниците мора да бидат ослободени. Хамас мора да се разоружа. борбите мора веднаш да престанат“, изјави Фридрих Мерц, германски канцелар.
Хамас се согласува со дел од мировниот план од 20 точки за завршување на војната во Газа, вклучувајќи го ослободувањето на заложниците и предавање на администрацијата на политички независно палестинско тело. Но, не ги исполни барањата на Нетанјаху да се предаде и да се разоружа.
И палестинската група Исламски џихад се согласува со ставот на Хамас за планот за прекин на огнот. Посочуваат дека нивниот став го одразува и ставот на другите палестински групи. Мировниот план на Трамп наиде на поддршка од многу држави.
Катерина Бојаџиева
