Блиски Исток

Нова надеж за мир во Газа, Израел нареди запирање на офанзивните операции

04.10.2025 15:41

Се отплеткува клопчето на Блискиот Исток. Израел нареди запирање на офанзивните операции во Газа откако Хамас соопшти дека е подготвен да ги ослободи заложниците и да ја предаде контролата врз Појасот.

Израел подготвен да испрати делегација во Египет на разговори за мировниот план на Трамп. Американскиот претседател верува дека Хамас е подготвен на траен мир и вели оти сите страни ќе бидат третирани фер.

„Сите беа обединети во желбата оваа војна да заврши и да видиме мир на блискиот исток. Многу сме блиску да го постигнеме тоа. сите страни ќе бидат третирани праведно“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

Хамас соопшти дека прифаќа дел од мировниот план на Трамп за завршување на војната во Газа, вклучувајќи го ослободувањето на заложниците и предавање на администрацијата на политички независно палестинско тело.

„Подготвени сме да влеземе во директни преговори за спроведување на процесот на размена и да ги подготвиме теренските услови за тоа. Хамас ќе одбие странска администрација во појасот газа. влезот на странски сили е неприфатлив“, изјави Осама Хамдан, официјален претставник на Хамас.

Палестинците го поздравија одговорот на Хамас на предлогот на Трамп за запирање на војната во Газа.

„Бараме сите арапски земји да спроведат траен прекин на огнот и целосно повлекување на Израел од Појасот Газа“, изјави Наџи Бадови, раселено лице од Рафа.

„Сакаме процесот да се забрза. Она што ни е важно е практичната имплементација за да можеме да се вратиме во нашите домови“, изјави Арафа ал-Амур, раселено лице од исток на Кан Јунис.

Во Европа оптимизам за ослободувањето на заложниците и прекин на огнот во Газа.

„Обврската на Хамас мора да се исполни без одложување. Сега имаме можност да направиме решителен напредок кон мирот“, изјави Емануел Макрон, претседател на Франција.

„Германија целосно го поддржува повикот на претседателот Трамп до двете страни. Заложниците мора да бидат ослободени. Хамас мора да се разоружа. Борбите мора веднаш да престанат“, изјави Фридрих Мерц, германски канцелар.

Израел ги предупреди Палестинците – за враќање во градот Газа е сè уште рано.

 

Катерина Бојаџиева