Блиски Исток

Во Египет, Израел и Хамас на преговарачка маса за мировниот план

05.10.2025 12:06

Египет ќе биде местото каде в понеделник Израел и Хамас ќе седнат на преговарачка маса, а посредник ќе биде САД. Целата е да се прецизираат деталите од американскиот план за конечен прекин на конфликтот, кој донесе многу жртви и голема хуманирна криза. Вчера жителите на Појасот во неверување, а денеска демонстрации на улиците на Тел Авив, за семејствата нова надеж дека нивните блиски кои се заложници ќе се вратат дома.

Експлозии и чад во Газа, додека Израел и Хамас се подготвуваат за разговори во Египет за мировниот план за ставање крај на војната и за размена на израелски заложници за палестински затвореници. Планот предложен од американскиот претседател влева надеж за крај на војната. Трамп изјави дека прекинот на огнот може да стапи на сила кога Хамас ќе се согласи за линијата на повлекување за израелската војска во крајбрежната територија.

„Израел веќе ја одобри почетната линија. Кога Хамас ќе потврди, прекинот на огнот ќе стапи веднаш во сила, ќе започне размената на заложници и затвореници и ќе создадеме услови за следната фаза на повлекување“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

Нетанјаху изјави дека војската ќе се репозиционира, но ќе продолжи да ги контролира стратешки важните области во Газа.

„Му наложив на нашиот преговарачки тим да оди во Египет за да ги финализира техничките детали за ослободувањето на нашите заложници. Хамас ќе биде разоружан, а газа ќе биде демилитаризирана. Ова ќе се случи или дипломатски според планот на Трамп или преку воена акција“, изјави Бенјамин Нетанјаху – премиер на Израел.

Демонстранти се собраа на улиците во Тел Авив. Бараат конечен договор за заложниците од Газа и прекин на огнот.

„Сега сме помеѓу надежта и стравот. и претходно сме ги преживеале лагите на Хамас. Не можеме да дозволиме уште еден договор да пропадне. Не повторно. Претседателе Трамп, ние сме со вас. не запирајте. Или сега, или никогаш“, изјави Лиран Берман, брат на заложниците Зив и Гали Берман.

„Стојам тука со страв и се молам. Одговорноста на раководството е да ја заврши војната и да го врати мојот брат. Да го поправи и рехабилитира општеството“, изјави Ајелет Голдин, сестра на заложникот Хадар Голдин.

Хамас се согласи со делови од планот на Трамп, но експлицитно не го прифати бараното разоружување.

 

Катерина Бојаџиева