ЗНАМ со активности во Центар и Куманово
Модерен и енергетски ефикасен Центар, ветува кандидатот за градоначалник на ЗНАМ. Од советничката листа на движењето За наша Македонија во Куманово најавуваат мерки за поддршка за највозрасните категории...

Обнова на објекти и фасади за поубав и пофункционален Центар ветува кандидатот за градоначалник од движењето ЗНАМ. Модерен центар ќе биде пример за урбан развој, кој ќе ја спои естетиката со енергетската ефикасност рече Лабудовиќ. Општината ќе аплицира на европски фондови а целта е чист и зелен град.
„Секоја зграда е дел од идентитетот и душата на нашата општина. Старите згради ќе добијат нови, енергетски ефикасни фасади кои, покрај тоа што ќе го разубават просторот и ќе му дадат достоинствен изглед на Центар, ќе им донесат на граѓаните помали сметки за греење и поквалитетни услови за живеење. Центарци заслужуваат достоинствен живот. Со целосна реконструкција и современ изглед, ќе создадеме општина која ќе зрачи со убавина и ред, но и ќе обезбеди реални економски придобивки за секој граѓанин. Центар мора да го зачува својот дух и карактер“, изјави тој.
Од советничката листа на ЗНАМ во Куманово пак ветуваат проекти за поддршка и грижа на највозрасните.
„Нов објект на Домот за стари лица „Зафир Сајто“ во с. Проевце за зголемување на капацитетите и обезбедување поквалитетна грижа за повозрасните граѓани. Континуирана модернизација, проширување и подобрување на капацитетите во Домот за стари лица „Зафир Сајто“, со цел создавање подобри услови. Програми за поттикнување активен живот и поголема социјална интеграција на пензионерите“., нагласи Гордица Бошковска, кандидат за советник ЗНАМ.
Ветуваат и субвенции за домашна нега, помош на дневните центри, загрозените категории.
Елена Георгиевска
