Локални избори 2025

ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата на митинг во Ѓорче Петров и Куманово

05.10.2025 16:50

На грбот на националните интереси нема да дозволиме СДСМ и коалицијата да градат политички кариери, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски пред граѓаните во Куманово. Тој ветува реформи во правосудството. Кандидатот за градоначалник на Ѓорче Петров рече дека доколку добие нов мандат ќе изгради нови градинки, спортски сали, а општината ќе стане и прва енергетски независна.

„Црвените линии се тројански коњ и ново попуштање пред барањата на нашиот источен сосед. Нема да се дозволи на грбот на националните и државни интереси, СДСМ и Филипче да градат политички кариери“, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на митингот во Куманово. Предводникот на коалицијата „Твоја Македонија“ се сомнева дека резолуцијата што неодамна ја подготви опозицијата е стокмена во Софија и е, како што рече, повторен предлог на СДСМ за ново предавство на државата, поради што Социјалдемократите ќе ги изгубат изборите. Мицкоски рече дека верува само во чесна работа и оти партијата одбрала да го оди тешкиот, но не и срамниот пат. Ги повика кумановци да го заокружат бројот 9.

Претходно, ВМРО-ДПМНЕ одржа митинг во Ѓорче Петров. Кандидатот за градоначалник на оваа скопска општина, Александар Стојкоски претстави дел од 140-те проекти кои според него треба да го подобрат општинскиот живот. Рече дека програмата е концепирана за сите возрасни категории, но во фокусот се младите, па така, ако ја добие довербата за нов мандат, тој ветува дека општината ќе добие пет нови градинки, три спортски комплекси, нова летна сцена со плоштад, мегапарк, а Ѓорче Петров ќе биде и првата енергетски независна општина.

На митингот своите проекти ги претстави и кандидатот за градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски. Рече оти прва акција како градоначалник би му била за 72 часа да се направи чистка на главниот град и да не се дозволи општините да тонат во смет. Тој за Ѓорче Петров најави нов резервоар и пумпна станица за да се обезбеди стабилен притисок и како што рече, сигурна вода којашто ќе им служи на генерациите после нас.

Ѓорѓиевски вели дека градот нема време за чекање и дека е потребна одлучна акција за справување со предизвиците со кои се соочуваат скопјани.

Анита Димитријевска – Велковска