По дефектот во Влае

Се стабилизира водоснабдувањето на Скопје

06.10.2025 08:31

Поради сериозниот дефект без вода останаа Ѓорче Петров, Влае, Карпош и други делови од Скопје, а некаде имаше намален притисок на водоснабдувањето.

ЈП Водовод и канализација го санираше сериозниот дефект на водоводна цевка Ф-600 на улицата „Франце Прешерн“ 100 Д во населбата Влае. Нема веќе истекување на вода, а поради големата количина на изгубена вода, нормализирањето со притисокот ќе потрае, информираа оттаму.

Поради сериозниот дефект без вода останаа Ѓорче Петров, Влае, Карпош и други делови од Скопје, а некаде имаше намален притисок на водоснабдувањето.

Од скопски Водовод соопштија дека поради повеќе краткотрајни прекини на снабдување со електричната енергија во регионот кај бунарите на Лепенец, предизвикана е варијација на притисокот на пумпниот систем од бунарите кон градскиот цевковод од каде се дополнува водоснабдувачкиот систем. Како резултат на прекините на мрежата на електрична енергија, настанати се два дефекти истовремено на главната водоводна линија Ф-600, како и дефект во шахта на Ф-400 на еден од бунарите.

Поради овие дефекти, во неколку населени места од градот дојде до прекин на водоснабдувањето, но по брзата реакција на екипите, водоснабдувањето постепено се стабилизира со цел да се избегнат нови појави на дефекти и дополнителни оптоварувања на системот.