Блиски исток

Израел и Хамас денес на преговори во Египет

06.10.2025 08:38

Трамп се надева дека неговиот предлог за прекин на огнот ќе стане реалност и нагласи дека работи напорно за да го постигне тоа...

Американскиот претседател Доналд Трамп се закани дека Хамас ќе се соочи со „целосно уништување“ ако го одбие неговиот план и не ја предаде власта и контролата врз Газа. Вели дека наскоро ќе се знае дали палестинската милитантна група е навистина посветена на мирот. Се надева дека неговиот предлог за прекин на огнот ќе стане реалност и нагласи дека работи напорно за да го постигне тоа.

„Многу брзо Хамас ќе ги ослободи заложниците. Многу од земјите околу Израел, муслимански, арапски и многу други, имаа одлични состаноци со Хамас. Така што ќе почекаме малку, да видиме како ќе се одвиваат работите“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

Американскиот државен секретар вели дека Израел мора да ги запре воздушните напади откако ќе се постигне договор за ослободување на израелските заложници што ги држи Хамас во газа.

„Сакаме да ги ослободиме заложниците што е можно поскоро. За да се случи тоа, не може да има војна во тек, а Хамас мора да се согласи да ги предаде. Ослободување на заложниците нема да донесе мир, ако терористичка група остане активна во газа. Никогаш нема да има мир во газа сè додека има терористи кои дејствуваат од таа територија и ја загрозуваат безбедноста на Израел“, изјави Марко Рубио, американски државен секретар.

Израел и Хамас денес на преговори во Египет за мировниот план за ставање крај на војната и за размена на израелски заложници за палестински затвореници.