Локални избори 2025

Митинг на ВМРО-ДПМНЕ во Струмица

06.10.2025 16:59

На 19-ти октомври ќе се случат промени кои 20 години ги чека Струмица која заробена од фирми и поединци кои станаа милионери, а граѓаните сиромашни. Ова беше кажано од ВМРО-ДПМНЕ на митингот во Струмица каде го претставија својот кандидат за градоначалник...

20 години Струмица чека на промени. Гледајќи ве вас во толку голем број, тие ќе се случат. Ќе победиме оти Струмица крева глава, се ослободува од стегите на еден затворен круг на фирми, луѓе поединци кои станаа милионери на грбот на граѓаните а народот сиромашен. Вака подвлече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на предизборниот митинг во Струмица. Како што кажа од овој град со години се воделе најголемите зделки што ја уништуваа Македонија, од Струмица тргнувале политичките комбинации што ја оставија државата заробена а граѓаните разочарани.

Според Христијан Мицкоски, лидерот на опозицијата Венко Филипче во Струмица доаѓал само да ги добие инструкциите од својот гуру без да понуди визија или конкретен проект за граѓаните кои се изморени од лаги и ветувања во изминатите 20 години.

Пред присутните се обрати и кандидатот за градоначалник на Струмица Петар Јанков. Кажа дека на 19-ти октомври ќе се гласа за спас на Струмица бидејќи граѓаните сакаат промени и свртување нова страница за општината. Промената не е само желба туку и реална потреба, потенцираше Јанков кој кажа дека ќе работи на подобрување на инфраструктурата, животната средина, туризмот, изградба на нови јавни зелени површини а со својот тим ќе работи за дигитална и транспарентна општина во која младите ќе имаат посебен фокус и поддршка. Кандидатот за градоначалник Петар Јанков подвлече дека на 19 ти Октомври со заокружување на бојот 9 на гласачкото ливче, ќе се врати гордоста, довербата и правдата за секој струмичанец.

На митингот во Струмица зборуваше и Александар Николоски потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, а беше претставени и листата со кандидатите за членови во Советот на Општина Струмица предводена од доктор Никола Маџунков. Претходно митинзи беа одржани и во општините Василево Босилово и Ново Село.

 

Ване Трајков