СДСМ и коалицијата на граѓански трибини во Берово и Делчево
СДСМ и коалицијата ја презентираа програмата за развој на општините во малешевијата. Програмата за Берово се темели на развој на туризмот, а во Делчево најавија изградба на дом за стари лица, централен плоштад, катна гаража, регулација на речното корито на Брегалница и нов театар...

Берово треба да биде место каде младите ќе останат, место каде културата, туризмот и земјоделието ќе се надополнуваат, е пораката на СДСМ и коалицијата од граѓанската трибина во Берово. Градоначалничкиот кандидат Илија Рунтевски најави дел од програмата, како јакнење на социјалните услуги, поддршка за најранливите категории, грижа за старите и лицата со попреченост.
Ова е остварлива програма, базирана на реални основи и проекции и ќе донесе поквалитетен живот за жителите на Општина Берово, но и на бројните туристи, вели Ринтевски истакнувајќи ја потребата од фокусирање на проекти за развој на туризмот, бидејќи Беровското езеро и Малешевските планини се потенцијал кој треба да се негува и промовира, но и штити со изградба на пречистителна станица за отпадни води во туристичката населба „Беровско езеро“.
Современа инфраструктура, подобар квалитет на живот и нови можности за младите се трите столба на програмата на градоначалничкиот кандидат на СДСМ за Делчево. Дејан Глинџарски најави изградба на дом за стари лица, модерна сообраќајна инфраструктура и повеќе паркинг места. Ќе продолжи изградбата на коритото на река Брегалница ќе се гради скејтпарк, како и нов театар во спомен домот АСНОМ.
Остра критика на власта од граѓанската трибина од Делчево упати лидерот на СДСМ Венко Филипче. Рече дека треба да се запре ВМРО во нивното аздисување, историски незапаметената партизација на институциите, злоупотребата на народните пари и негрижата за граѓаните. Акцентот го стави на како што кажа целосниот колапс на правосудниот систем, за што го обвини Мицкоски дека е и премиер и судија и обвинител.
Филипче порача дека за СДСМ сега не е време за апатија и повика на обединување и побара поддршка на денот на гласањето.
Славица Величковска
