Локални избори 2025

Мерки за чист и енергетски ефикасен град, ветуваат од советничката листа на ЗНАМ

06.10.2025 17:47

Соларни панели на јавни институции, ширење на гасоводната мрежа, поголеми инспекциски контроли, се дел од мерките коишто ги ветуваат од советничката листа на ЗНАМ. Ќе се залагаат за чисто и зелено Куманово...

Зелена, чиста и енергетски ефикасна општина, ветуваат од советничката листа на движењето За наша Македонија, ЗНАМ во Куманово. Од оваа партија ќе се залагаат за кревање на еколошката свест за што предвидуваат и низа мерки. Поставување на соларни панели на јавните институции, систем за селекција, транспорт и преработка на отпад, контрола на бучава во угостителските објекти.

„Ќе имаме намалување на цената за приклучок на гасоводна мрежа. Зајакнување на капацитетите на Сектор за инспекциски надзор во Општината. Зајакнување на капацитетите на ЈП „Чистота и зеленило“ и зголемување на буџетот за одржување на хигиената. Зголемен интензитет на перење на улици и плоштади. Зголемена динамика на изнесување на смет од централното подрачје, населбите и селата. Замена на сите постојни надземни контејнери“, вети Тамара Тренчевска, кандидатка за советник ЗНАМ Куманово.

Од ЗНАМ ветуваат зголемени инспекциски контроли.

„Поставување мерни станици за квалитет на воздух на повеќе клучни локации. Ова не се само ветувања, ова е обврска кон секој жител на Куманово. Нашата заложба е животната средина да биде приоритет во секојдневното работење на Општината. Со овие проекти ќе ја подобриме хигиената, ќе го намалиме загадувањето и ќе ја зајакнеме свеста дека екологијата е стил на живеење, а не обврска“, дополни Тренчевска.

Меѓу мерките се и продолжување на субвенции за клима уреди.

Елена Георгиевска