Билатералните прашања да не ја кочат интеграцијата
Австриската министерка за Европа, Плаколм и словенечката државна секретарка Грашич во посета на земјава. Имаа средба со министерот за европски прашања Муртезани. На маса е предлог со квалификувано мнозинство да се одлучува за да се спречат натамошни билатерални блокади на проширувањето…

Откако пропадна првиот обид да се протурка двотретинско гласање за проширувањето, Виена и Љубљана повторно ја ставаат на маса идејата да се спречи билатералните прашања да ја кочат евроинтеграцијата. Австрија и Словенија го поддржуваат дијалогот меѓу Скопје и Софија за изнаоѓање решение.
„Методологијата на проширување треба да претрпи одредени промени, особено поради фактот што го отежнува пристапувањето и остава простор за, условно кажано, злоупотреба на билатерални процеси во пристапување“, нагласи министерот Муртезани.
„Билатералните прашања треба да се дискутираат и разрешат билатерално. Кога станува збор за политиката на проширувањето мораме да зборуваме едногласно и да ги поддржуваме земјите-кандидатки. Во овој контекст, квалификуваното мнозинство при гласањето е начин да се покаже нашата поддршка“, изјави Клаудија Плаколм – сојузна министерка за Европа, интеграција и семејство на Австрија.
„Секој дијалог во каква било рамка што може да ги стави на маса двете земји, Северна Македонија и Бугарија е добредојдено и поддржано. Ме радува што Европската комисија и претседателот Кошта направија можна рамка за дијалог меѓу премиерите на двете држави, оти на политичката елита е да постигне договор за доброто на граѓаните на двете страни“, изјави Нева Грашич – државна секретарка во Министерство за надворешни работи и европски прашања на Словенија.
Повеќето членки на ЕУ се противат на билатерализацијата на проширувањето што носи нестабилност во Европа.
Австрија, Словенија, Германија и Италија бараат Европската комисија да усвои квалификувано мнозинство за техничките процедури за проширувањето.
Ирина Гелевска
