Мировни преговори за Газа
Во очи двегодишнината од нападот на Хамас врз Израел, во Египет разговори за мир во разурнатата Газа. Има оптимизам дека планот на Трамп ќе донесе прекин на огнот и ослободување на заложниците и затворениците…

На повидок прекин на огнот во Газа. Претставници на Израел и Хамас во Египет во обид да постигнат договор за мировниот план, предложен од Трамп. Фокус на разговорите преку посредници, ќе биде постигнување договор за ослободување на преостанатите заложници кои ги држат милитантите во Газа, во замена за палестински затвореници во Израел. Американскиот претседател изјави дека неделава очекува резултати од разговорите во Египет. Се закани дека Хамас ќе се соочи со „целосно уништување“ ако го одбие неговиот план и не ја предаде власта и контролата врз Газа.
„Времето е клучно, инаку ќе следи масовно пролевање на крв-нешто што никој не сака да го види“, нагласи американскиот претседател Трамп.
Вашингтон побара Израел веднаш да ги запре воздушните напади откако ќе се постигне договор за ослободување на израелските заложници што ги држи Хамас во Газа.
„Сакаме да ги ослободиме заложниците што е можно поскоро. За да се случи тоа, не може да има војна во тек, а Хамас мора да се согласи да ги предаде. Ослободување на заложниците нема да донесе мир, ако терористичка група остане активна во Газа“, изјави Марко Рубио, американски државен секретар.
Израел и САД се решени индиректните преговори со Хамас да траат само неколку дена, вели Нетанјаху.
„Се надевам дека ослободувањето на заложниците ќе биде оваа недела, но не можам да гарантирам дека тоа ќе се случи. Ако не се случи, ќе се реализира она што го кажа претседател Трамп, вели израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
Хамас претходно соопшти дека прифаќа делови од планот на Трамп. Сепак, неколку клучни прашања во сеопфатниот мировен план остануваат нерешени-разоружувањето на Хамас и повлекувањето на израелските трупи.
Катерина Бојаџиева
