Драч

Европската перспектива на Западен Балкан во фокусот на самитот на иницијативата „Брдо-Бриони“

06.10.2025 16:16

Лидерите на земјите од Западен Балкан се собраа во Драч, на самит на иницијативата „Брдо-Бриони“. Македонската делегација предводена од претседателката Гордана Сиљановска – Давкова. Во фокусот европската перспектива на Западен Балкан, но и начинот на одлучување за проширувањето.

Словенија е една од државите кои најгласно се залагаат за промена на одлучувањето при пристапувањето на земјите-кандидатки за членство во Европската Унија. Словенечката претседателка Наташа Пирц – Мусар од самитот „Брдо-Бриони“ во Драч, рече дека едногласноста довела до пречки во развојот на процесите. Но, Загреб има поинаков став. Едногласноста е нешто од што не смее да се откажеме, рече претседателот Милановиќ.

„Словенија заедно со Германија е промотор на идејата за гласање со квалификувано мнозинство. Ова беше пречка во минатото. Таков беше случајот со Северна Македонија. Цврсто верувам дека Западен Балкан треба да стане дел од Европската Унија“, рече Наташа Пирц Мусар.

„Во тоа гледам замка. Едногласноста не се напушта. Тоа е инстинктивен начин на одбрана на малите држави од поголемите. Единствен начин да останеме видливи“, изјави Зоран Милановиќ.

„Целта ни е до 2027 да ги затвориме сите поглавја, и со политичка волја да станеме членка на ЕУ. Ова е трансформирачки процес кои треба да донесе бенефит на сите граѓани“, рече Бајрам Бегај.

Македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова оствари средби со лидерите на земјите од Западен Балкан. Во фокусот на состаноците европската перспектива, Планот на ЕУ за раст на регионот, регионалната соработка и безбедност.

 

Марина Стојанова-Тонева