Од денеска побрзи и поевтини плаќања во евра за граѓаните и компаниите
Граѓаните и компаниите ќе можат да вршат трансакции со европските земји шест пати поевтино и многу побрзо, објави гувернерот на Народната банка, Трајко Славески. Освен што ќе заштедат пари, граѓаните и фирмите ќе заштедат и време, повеќе нема потреба од шалтери и хартиени документи.

Нема веќе високи провизии за плаќање во евра кон странство или за добивање на европската валута од друга држава. Македонија од денеска и практично е дел од единствената област за плаќање во евра.
Граѓаните и компаниите ќе можат да вршат трансакции со европските земји шест пати поевтино и многу побрзо, објави гувернерот на Народната банка, Трајко Славески. Освен што ќе заштедат пари, граѓаните и фирмите ќе заштедат и време, повеќе нема потреба од шалтери и хартиени документи.
Трансферите ќе може да се иницираат преку мобилно и електронско банкарство, а парите најчесто ќе стигнуваат до примателот за еден работен ден.
Како што соопшти Народната банка, девет банки веќе се целосно подготвени да започнат со извршување плаќања во рамките на шемата за кредитни трансфери СЕПА. Согласно објавениот календар на Европскиот совет за плаќања, од денеска, плаќањата ќе бидат овозможени преку „НЛБ банка“ АД Скопје, „Стопанска банка“ АД Скопје, „Комерцијална банка“ АД Скопје, „Шпаркасе банка“ АД Скопје, „Халк банка“ АД Скопје, „Прокредит банка“ АД Скопје, „ТТК банка“ АД Скопје, „УНИ Банка“ АД Скопје и „Централна кооперативна банка“ АД Скопје.
Останатите три банки интензивно работат на интеграцијата во оваа шема на СЕПА и се очекува дека ќе завршат најдоцна до крајот на првиот квартал од 2026 година, согласно рокот утврден со одлука на Народната банка.
Според објавените официјални тарифи на овие девет банки, плаќањата во евра со земјите од СЕПА се повеќекратно поевтини во споредба со постоечкото кореспондентно банкарство. Притоа, банките нудат пониски надоместоци за електронските плаќања во споредба со плаќањата на шалтерите.
