Втор ден од разговорите меѓу Израел и Хамас за мир во Газа
Точно две години од нападот на Хамас на Израел. Во Египет разговори за мировниот план за Газа. Оптимизам дека до крајот на неделава ќе се стигне до решение на кризата.

Во Шарм Ел Шеик, втор ден од разговорите меѓу Израел и Хамас за мир во Појасот Газа. Американскиот претседател инсистира страните брзо да ги конкретизираат условите за ослободување на заложниците. И од Тел Авив очекуваат позитивен исход, откако Хамас потврди дека делумно се согласува со предлозите за мировниот план, но не одговори на неколку клучни барања – разоружувањето и управувањето со Газа по војната.
„Навистина мислам дека ќе имаме договор. Имаме навистина добри шанси и тоа ќе биде траен договор. Сакаме мир. Газа е голема работа. Но, ова е за вистински мир на Блискиот Исток“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
Преговорите во Египет се одржуваат на втората годишнина од нападот што го изврши Хамас врз јужен Израел на 7 октомври 2023 година, во кој беа убиени околу 1.200 луѓе, а 251 беа земени како заложници. Еден ден подоцна израелската влада почна воена операција во Газа. Се проценува дека досега се убиени повеќе од 65 илјади лица. Во енклавата владее акутен глад, а повеќе од 1,9 милиони луѓе се внатрешно раселени.
„Треба да бидеме многу јасни во врска со фактот дека веројатно има многу повеќе исчезнати од 11 илјади луѓе. Досега и од почетокот на оваа војна, 4.000 случаи беа затворени. Тоа значи дека семејствата успеале сами да ги пронајдат своите најблиски“, изјави Кристијан Кардон, главен портпарол на Меѓународниот комитет на Црвениот крст.
Во изминатите две години, милитантните групи од регионот на Блискиот Исток, Хезболах, која е активна во Либан, како и Хутите во Јемен се солидаризираа со Хамас и го отежнуваат патот кон мирот. Израел и против сите овие организации презеде мерки – а беа ликвидирани и раководни лица. Од друга страна, меѓународната заедница ја зголеми поддршката за решение за две држави со што би се донел конечен мир на Блискиот Исток. Како реакција на војната бројни земји го замрзнаа извозот на оружје во Израел.
„Мора да го прекинеме овој циклус на насилство и да изградиме нешто подобро. Австралија е дел од меѓународниот притисок за прекин на огнот во Газа, враќање на заложниците, за проток на помош и решение за две држави. Австралија го поздравува планот на претседателот Трамп да донесе мир во Газа по речиси две години конфликт и катастрофална загуба на цивилни животи“, изјави Ентони Албанезе, премиер на Австралија.
Израелскиот премиер го осуди признавањето на Палестина како наводна награда за теророт на Хамас – иако сите држави кои неодамна ја признаа Палестина, ја исклучија можноста милитантната група да игра улога во обликувањето на државата.
Маријана Димовска
