Светска банка: 3,1% раст на македонската економија во 2025 година
Економскиот раст на Македонија за годинава се очекува да биде 3,1 % проценува Светска банка. Главен двигател се јавните инвестиции и зголемувањето на растот на извозот. Сепак, постои итна потреба да се поттикне поголемо учество на работната сила за да се одговори на потребите на еден пазар на труд што е во развој, стои во извештајот...

Светска банка ги зголеми проекциите за растот на македонската економија и сега очекува реален раст на БДП од 3,1% во 2025 година, 3% во 2026 и 3% во 2027 година. Во однос на пролетните прогнози, растот е зголемен за 0,4 процентни поени.
Во најновиот извештај се наведува дека економијата на Западен Балкан ќе закрепне во следните години, поттикната од инвестиции и опоравување на извозот.
Регионалниот раст за 2025 година се проектира на 3%, што е малку пониско од претходните очекувања, но се очекува постепено зголемување на 3,1% во 2026 и 3,6% во 2027 година.
Директорката на дивизијата за Западен Балкан во Светска банка, Шаокинг Ју, оцени дека регионот напредува, но растот и понатаму е недоволен за целосно приближување кон економиите на ЕУ. Порача дека е потребно поголемо учество на пазарот на труд, подобрување на вештините и дигитална трансформација на фирмите.
