Локални избори 2025

Митинг на ВМРО-ДПМНЕ во Кичево

07.10.2025 16:42

Од синоќешниот митинг на ВМРО-ДПМНЕ во Кичево, лидерот Христијан Мицкоски порача дека во мултиетничките места нема ништо поважно од заедништвото и тоа по сите основи. Ако нема заедништво, ако има поделби, партиски, етнички или верски, тоа е предуслов за неуспех на заедницата и на општината …

Најважниот проект за Кичево е заедништвото и обединувањето за развој на општината. Еден ланец е силен толку, колку што е најслабата алка во него издржлива. Една гранка е кршлива, но снопот дрвца или гранки е непобедлив. Поради тоа сите мора да се обединиме околу заедништвото без разлика на партиската, етничката и верската припадност. Ова е неповторлива можност да покажеме единство и да покажеме што му треба на Кичево, бидејќи поделбите се предуслов за неуспех.

Ова на митингот во Кичево го рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, при што посочи дека сите имаат исти маки и сакаат иста иднина. Има луѓе кои изградија кариери на етнички теми, цели партии се одржуваат на едно вештачко непријателство и нетрпеливост. Затоа е потребна слога, бидејќи граѓаните на Кичево без разлика дали се Македонци, Албанци или останати се иселуваат и едните, и другите и третите.

„Што ќе му е Зајас на Али ако тој е празен. Нема радост ниту во палатите, ниту во дворците ако преку оградата народот, соседите ти се гладни и раселени. Тоа го направи тој за Албанците, ги испразни нивните места, села, градови, ги расели после дваесет години владеење тука. Додека тој и неговите блиски се богатеа, народот страдаше и тонеше во сиромаштија“изјави Христијан Мицкоски-лидер на ВМРО-ДПМНЕ.

Кандидатот за градоначалник на Кичево од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Јовановски во своето обраќање рече дека да се биде градски татко е огромна одговорност, исто како за сопственото семејство. При тоа, тој укажа дека во изминатите дванаесет години досегашниот градоначалник наместо градски татко го завил градот во темнина, грижејќи се само за сопствените интереси и интересите на една мала група околу него.

„Доведовте до егзодус на граѓаните. Зошто одите во Западна Европа да молите да дојдат да гласаат за вас оние што отидоа од вашата негрижа, неспособност и национална кусогледост. Денес е време за патриотизам, а тоа подразбира љубов и грижа за ближниот, за комшијата, за сограѓанинот, за соселанецот од која националност и вероисповест да е“, нагласи Александар Јовановски, кандидат за градоначалник на Кичево од ВМРО-ДПМНЕ.

Јовановски исто така рече дека времето на национализам минало и дека сега е време за работа, за проекти, за визија, затоа што тоа го заслужуваат кичевчани. Бидејќи националистичките средства и негрижата за основните проблеми, како што се чистотата, сигурноста, економската стабилност, образованието за што е заслужна досегашната локална власт придонеле граѓаните да заминуваат од Кичево.

Сашо Нелоски