Локални избори 2025

СДСМ и коалицијата на граѓански трибини во Карпош и Центар

07.10.2025 16:56

Карпош знаел да ги препознае и ќе ги препознае оние кои лажат и манипулираат, кои се кандидираат за лични и бизнис интереси, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на партиската трибина „Се бориме за нашиот дом“ во Карпош. На трибина во Центар, СДСМ и коалицијата ги претставија и кандидатската листа за советници и кандидатот за градоначалник Горан Герасимовски...

Карпош знаел да ги препознае и ќе ги препознае оние кои лажат и манипулираат, кои се кандидираат за лични и бизнис интереси. Карпош знае дека гласот за ВМРО-ДПМНЕ е глас за уште еден пион на олигархијата, кој ќе работи под директна контрола на Мицкоски и на оние кои го плаќаат“, рече претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, на партиската трибина „Се бориме за нашиот дом“. Филипче порача дека СДСМ за разлика од ВМРО-ДПМНЕ нуди кандидати со јасен интегритет и визија за граѓаните. Од карпошани побара да размислуваат како што најдобро знаат и да донесат правилна одлука на локалните избори.

Карпош отсекогаш бил симбол на свесност, на критичка мисла, на граѓани кои не прифаќаат да бидат неми сведоци на неправдите“, истакна Филипче. Тој додаде дека Карпош е место каде живеат слободни и слободоумни граѓани, кои секогаш носат одлуки во најдобар интерес за себе и за општината, потенцирајќи дека за разлика од нив, ВМРО-ДПМНЕ има план само за бетонизација на општината, поточно, од потегот од салата Борис Трајковски до мостот на Влае“, нагласи Филипче. Лидерот на СДСМ во своето обраќање додаде дека има целосна доверба во жителите на Карпош, кои, според лидерот на Социјалдемократите, ќе го препознаат вистинскиот избор. Силно верувам дека на 19 октомври Карпош ќе гласа за Маја и за Каја – две силни жени. Жени докажани во својата професија, кои искрено и чесно ќе застанат зад граѓаните и нивните потреби“, порача претседателот на СДСМ.

Карпош е нашиот дом, нашите улици, дворови, училишта, спомените од детството и надежите, рече Маја Мојсова Мијовска, кандидатката за градоначалничка на Карпош, најавувајќи визија за нов почеток и суштинска промена во начинот на функционирање на општината.

Таа нагласи дека Карпош се соочува со реални проблеми кои повеќе не смеат да се игнорираат: загаден воздух, дупки по тротоарите, диви депонии, сообраќаен метеж, темни улички, преполни паркинзи, оштетени јавни површини, недостиг на зеленило и простор за децата, нефункционална инфраструктура. Мојсова ја претстави својата програма за како што истакна, темелна трансформација на Карпош, базирана на инклузивност, транспарентност, зелена енергија, квалитетна социјална грижа и развој на младиот потенцијал.

На трибина во Центар, СДСМ и коалицијата ги претставија и кандидатската листа за советници и кандидатот за градоначалник Горан Герасимовски. Ја побараа довербата од избирачите за втор мандат.

Игор Панов