Воен конфликт

Русија напаѓа енергетска инфраструктура, Киев возвраќа на Крим

07.10.2025 16:17

Украинскиот фронт ескалира пред зимата. Русија ги напаѓа енергетската инфраструктура и житните резерви, Киев возвраќа во Крим. Зеленски бара затворање на шверц- каналите што ја снабдуваат руската воена машинерија. Додека Украина чека американско оружје со долг дострел, САД условуваат објаснување за употребата на „Томахавк“ ракетите. Москва предупредува на можна ескалација со Вашингтон. Киев најавува зголемување на увозот на гас за 30% поради штетите од руските напади …

Украинскиот фронт ескалира. Додека Киев ја зајакнува безбедноста и меѓународната поддршка пред зимата, Русија продолжува жестоко да напаѓа енергетска инфраструктура, удри и врз украинското жито. Украина возвраќа во Крим, погоден најголемиот нафтен терминал. Зеленски откри дека руските дронови и ракети содржат над 100.000 странски компоненти и повика на затворање на шверц-каналите.

„Ако одредени земји ги прекинат очигледно осудувачките шеми за снабдување на Русија со критични компоненти за производство на ракети и беспилотни летала, руската закана ќе стане драстично помала. Путин не знае како да води војна без терор. Светот има моќ да го запре секој терор – и Русија не е исклучок“, изјави украинскиот претседател, Володимир Зеленски.

Украинскиот челник тврди дека испораките на американско оружје не се засегнати од делумната блокада на владата во Вашингтон. САД, сепак, поставуваат услови – претседателот Трамп изјави дека сака да знае како Украина планира да ги користи „Томахавк“ ракетите пред да одобри нивна испорака.

„Некако донесов одлука, сакам да дознаам што ќе прават со нив, каде ќе ги испраќаат. Претпоставувам дека би требало да го поставам тоа прашање. Таа војна никогаш не требаше да започне. Никогаш немаше да започне, таква лоша проценка беше употребена, мислам од двете страни“, рече Доналд Трамп, претседател на САД.

Москва потсетува дека одлуката за испорака на американско оружје со долг дострел би можела да ги наруши односите меѓу Вашингтон и Москва.

„Ставот на Москва беше сосема јасно искажан од претседателот Путин на неодамнешниот состанок во Дискусиониот клуб „Валдај“. Сè беше јасно наведено таму. Ова би била сериозна ескалација, која, во исто време, нема да може да ја промени ситуацијата на фронтот за режимот во Киев“, изјави Дмитриј Песков, портпаролот на Кремљ.

Во истовреме, Киев најавува поголем увоз на природен гас за околу 30 насто поради значителните штети предизвикани од руските воздушни напади.

Бојана Крстевски