Забранет пестицид откриен во македонски црвени пиперки во Хрватска, ДИЗ и АХВ вршат контроли
Опасниот пестицид „Метомил“, откриен во 15 тони свежа црвена пиперка извезена од земјава во Хрватска. Пиперките не се вратени во Македонија, нема информации дали се повлечени од продажба или уништени во Хрватска. Во тек е заедничка контрола на Инспекторатот за земјоделство ДИЗ и АХВ...

Опасниот пестицид „Метомил“, откриен во 15 тони свежа црвена пиперка извезена од земјава во Хрватска. Пратката која стигнала на 9-ти септември не била запрена од граничната контрола и бил дозволен влез во земјата. По две недели откако бил земен примерок од малопродажната мрежа, утврдено било пет пати поголемо присуството на пестицидот од дозволеното. Пиперките не се вратени во Македонија, нема информации дали се повлечени од продажба или уништени во Хрватска.
„Извозникот има извршено повеќе лабораториски анализи за присуство на пестициди во црвена пиперка од почетокот на берба на годинешната реколта при извоз и продажба, и тоа во акредитирани лаборатории во земјава и во други држави и до овој момент нема добиено резултати за зголемено количество на резидуим од фитофармацевски производи или присуство на недозволени фитофармацевтски производи“, информира Државниот инспекторат за земјоделство (ДИЗ).
Надлежните тврдат, согласно Законот за фитофармација вршат редовни и вонредни надзори во делот на увозот, дистрибуцијата и употребата на пестицидите.
„Производите кои содржат „Метомил“ се забранети за увоз продажба и употреба, а доколку се затекнат вакви производи кај споменатите субјекти се вршат контроли кај индивидуалните производители за видот на фитофармацевските производи кои ги користат, како и начинот на апликација, за што секој производител согласно законските прописи е должен да води соодветна евиденција“, наведува ДИЗ .
Во тек е заедничка контрола на Инспекторатот за земјоделство и Агенцијата за храна кај извозникот на пиперките кај кои бил откриен опасниот пестицид.
Викторија Милевска
