Плеј - офот на нивото на вистинската Лига на шампионите!
Богатството на Лигата на шампионите само се надоврзува на нејзината слава, играњето во елитата значи многу пари, но и клупска историја, па затоа плеј – оф пресметките претставуваа фудбалска војна на живот или смрт.

Десете екипи низ последниот квалификациски филтер им се приклучија на 22-те што директно, преку националните првенства, обезбедија групна фаза.
Во вчерашните пет дуели, фудбалот „Величенствениот“одигра нова драма. Лудогорец го анулираше гостинскиот пораз од 1:0 против Стеауа со голот на Вандерсон во последната минута, во 120-та остана без изклучениот чувар на мрежата Стојанов. Лудогорец веќе направи три измени, па при пенал серијата на голот застана дефанзивецот Моци и тоа Романец и некогашен играч на Динамо Букурешт и ги одбрани ударите на Рапа и на Пирвулеску за дебитанско учество на бугарскиот првак во Лигата на шампионите.
А Арсенал таму ќе биде по 17-ти пат по ред. Само Реал, Барса, Баерн и Порто имаат повеќе елитни настапи од „топџиите“ кои со еден гол го елиминираа Бешкташ. По истанбулските 0:0, Санчез го постигна првиот гол во дресот на Арсенал кој и во четрнаесетиот плеј - оф меч остана непоразен, а не прими гол ниту во четвртиот домашен дуел против турска екипа.
Бенитез сметаше дека Пандев не му е потребен, но и покрај звучните имиња во составот, Наполи не успеа да го преживее Билбао. Атлетик по 15 години вторпат е меѓу најдобрите затоа што на гостинските1:1, одоговори со 3:1 на новиот „Сан Мамеш“. Без разлика што Хамшик им донесе предност на Италијанците, пеколните 13 минути и двата гола на Адуриз, како и погодокот на Гомез, им овозможија на баскијците да останат непоразени и на седмиот натпревар по ред против екипи од „Калчото“.
Дека парите не играат потврда е двобојот меѓу Малме и Салцбург. Без разлика на големиот буџет и на домашната победа од 2:1, Австријците налетаа на мотивираните фудбалери на Малме кои на својата екипа и обезбедија дебитантско учество во Лигата на шампионите со победата од 3:0. Двапати Розенберг и еднаш Ериксон ја продолжија низата од седум европски мечеви без пораз и без примен гол на „Малме стадионот“.
Најлесна беше обврската на Баер кој победата во Копенхаген од 3:0 ја дополни со убедливите 4:0 во Леверкузен. Со головите на Сон, Хакан Чалханоглу и со двата на Кислинг, бундеслигашот деветипат влезе во високото друштво, сега предводен од новиот тренер Шмит кој врза тримфи во сите четири официјални меча колку што е на клупата на „фармацефтите“.
Разбирливо според рејтингот, резултатите и минатото, 32-те кипи од различни позиции го чекаат извлекувањето што за десетина минути ќе почне во Монте Карло. Носители на осумте групи од по четири екипи ќе бидат Реал, Барселона, Баерн, Челзи, Бенфика, Атлетико Мадрид, Арсенал и Порто. Во втората квалитативна конкуренција се Шалке, Борусија Дортмунд, Јувентус, ПСЖ, Шахтјор, Базел, Зенит и Манчестер Сити, во третата: Баер, Олимпијакос, ЦСКА, Ајакс, Ливерпул, Спортинг, Галатасарај и Атлетик Билбао и во четвртата: Андерлехт, Рома, Апоел, Бате Борисов, Лудогорец, Марибор на единствениот македонски фудбалер во елитата Ибраими, потоа Монако и Малме.
