Блиски Исток

Во Египет продолжуваат мировните преговори за Газа

08.10.2025 09:08

Израел бара ослободување на сите заложници и разоружување на милитантите, Хамас пак, гаранции дека Израел ќе ја заврши војната...

Во Египет продолжуваат мировните преговори за Газа со учество на високи катарски и американски претставници додека Израел и Хамас се обидуваат да ги приближат спротивставените барања за крај на војната. Катар предупреди дека ниту една страна нема целосно да ги добие своите услови.

„Секој план за постигнување договор во која било од овие кризи нема целосно да го одразува она што го сака која било од страните“, изјави Маџид ал Ансари, портпарол на Министерството за надворешни работи на Катар.

Израел бара ослободување на сите заложници и разоружување на милитантите, Хамас пак, гаранции дека Израел ќе ја заврши војната и ќе ги повлече воените сили по последниот предаден заложник.