Денови на словенечки филм од 9 до 11 октомври во Кинотеката

08.10.2025 08:42

Фестивалот ќе биде отворен во четврток, на 9 октомври, со долгометражниот филм „Спасение за почетници“ (2024), во режија и сценарио на Соња Просенц. Филмот на хумористичен и трагикомичен начин ги истражува современите општествени прашања

Од 9 до 11 октомври 2025 година, македонската публика ќе има можност да ги погледне три понови словенечки филмови на Деновите на словенечки филм во Кинотека.

Фестивалот ќе биде отворен во четврток, на 9 октомври, со долгометражниот филм „Спасение за почетници“ (2024), во режија и сценарио на Соња Просенц. Филмот на хумористичен и трагикомичен начин ги истражува современите општествени прашања, во реимагинација на „Теорема“ од Пјер Паоло Пазолини: во привидно совршено словенечко „nouveau riche“ семејство влегува Жулиен, син од претходен брак, чија присутност го нарушува кревкиот семеен баланс и ги открива пукнатините под внимателно негуваната фасада.

Во петок, 10 октомври, ќе биде прикажан младинскиот хит „Игралиштето не го даваме!“ (2024), во режија на Клемен Дворник. Ова акциско-авантуристичко дело ја следи група млади скејтери кои се борат да го спасат своето маалско игралиште. Кога 12-годишната Алма дознава дека фирмата на нејзиниот татко ќе го урне игралиштето, таа мора да се здружи со својата најголема ривалка и нејзината екипа за да го одбранат просторот. Тие имаат само една недела.

Завршната вечер, сабота, 11 октомври, е резервирана за најновиот документарен филм „Планината не оди никаде“ (2025), во режија на Петра Селишкар. Филмот премиерно беше прикажан во август во Скопје, на фестивалот Македокс, токму во периодот коха и  се прикажуваше и во словенечките кина. Досега има освоено две меѓународни награди.

Далеку во македонските планини, меѓу стадо од 600 овци чувани од големи кучиња, се наоѓа засолниште. Таму одекнува детски смеа. Тоа се браќа, на возраст од осум до дваесет години. Слободното време го минуваат во игра и разговори за животот. Каква иднина ги чека?

„Планината не оди никаде“ имаше светска премиера на фестивалот Visions du Réel во швајцарскиот град Нијон. Филмот е копродукција меѓу Словенија, Франција и  Македонија.

Организатори на Деновите на словенечки филм во Скопје се Словенечкиот филмски центар и Амбасадата на Република Словенија во Скопје, и Кинотека на Македонија

Сите филмови се реализирани со финансиска поддршка од Словенечкиот филмски центар и ќе бидат прикажани со македонски и англиски превод (синхронизација или титл).