Високи претставници од САД, Катар и Турција се вклучуваат во мировните преговори за Газа
Нова надеж за окончување на кризата на Блискиот Исток. Очите на светската јавност свртени кон Египет каде што се одржуваат мировни преговори за ставање крај на војната меѓу Израел и палестинското движење Хамас. На преговорите се приклучуваат и американскиот пратеник Виткоф и советникот на претседателот Трамп, Кушнер...

Во Египет почнува нова рунда мировни преговори за Газа со учество на високи претставници од САД и Катар откако разговорите синоќа завршија без конкретен напредок. На преговарачката маса со американскиот специјален пратеник Виткоф и катарскиот премиер Ал Тани, седнува и шефот на турската разузнавачка служба.
„Преговорите продолжуваат во Шарм Ел-Шеик меѓу израелската делегација и делегацијата на Хамас, со регионално учество. Се придружува и американската страна“, изјави Бадр Абделати, министер за надворешни работи на Египет.
Главни пречки во мировниот план на Трамп остануваат: враќањето на заложниците, разоружувањето на Хамас, израелското повлекување и идното управување со Газа. Додека медијаторите се обидуваат да ги приближат спротивставените барања на Израел и Хамас за крај на војната, Катар предупредува дека ниту една од страните нема целосно да ги добие своите услови.
„Секој план за постигнување договор во која било од овие кризи нема целосно да го одразува она што го сака која било од страните. Главна пречка во тековните преговори е спроведувањето на договорите. Мора да најдеме практични решенија за нивно брзо спроведување за веднаш да ги активираме механизмите за следење за да се спречи понатамошно влошување на ситуацијата“, изјави Маџид ал Ансари, портпарол на Министерството за надворешни работи на Катар.
Катар упати критики до Тел Авив дека и покрај предложениот план кој предвидува Израел веднаш да ги запре нападите, тоа не се случило. Нетанјаху не коментираше за статусот на разговорите, но им рече на Израелците дека се наоѓаат во судбоносни денови на одлука. На социјалните мрежи соопшти дека Израел ќе продолжи да дејствува за да ги постигне своите воени цели.
„Враќање на сите киднапирани, елиминација на режимот на Хамас и ветување дека Газа повеќе нема да претставува закана за Израел“, стои во објавата на Нетанјаху.
Израел бара ослободување на сите заложници и разоружување на милитантите, Хамас пак, гаранции дека Израел ќе ја заврши војната и ќе ги повлече силите. Мировниот план предвидува меѓународна преодна управа за Газа, предводена од Тони Блер, која би траела 3 до 5 години, по што власта би преминала на реформска палестинска власт. Египетскиот претседател Ал Сиси порача дека траен мир е можен само со признавање на независна Палестина. Преговорите се одржуваат на втората годишнина од војната, во која досега загинаа над 62.000 луѓе, а Газа е речиси уништена.
Бојана Крстевски
