Украина

Продолжуваат битките на украинскиот фронт

08.10.2025 18:40

Продолжуваат битките на украинскиот фронт. Зеленски со обвинување-Русија се обидува да ја дестабилизира Европа преку употреба на дронови за саботажа и нарушување. Русија пак, останува посветена на своите воени цели во Украина. Американскиот претседател кој се обидува да стави крај на војната, по осми пат изрази разочарување од Путин.

Продолжуваат битките на украинскиот фронт. Зеленски ја обвини Русија дека се обидува да ја дестабилизира Европа преку употреба на дронови за саботажа и нарушување. Бара од сојузниците засилен притисок врз Путин, обвинувајќи дека претходната претпазливост му дала простор за агресија, додека Русија ја напаѓа енергетската инфраструктура пред зимата.

„Мора да има јасен притисок врз Русија-политички, економски и воен. Без компромис на решителноста. Русија разбира само сила, и само силата ќе ја доведе до мир“, изјави Володимир Зеленски – претседател на Украина.

Русија останува посветена на своите воени цели во Украина. Путин тврди дека руските сили зазеле речиси 5.000 квадратни километри територија во Украина и ја задржале стратешката иницијатива на бојното поле.

„Стратешката иницијатива останува целосно во рацете на вооружените сили на руската федерација. Годинава ослободивме речиси 5.000 квадратни километри територија и 212 населени области“, изјави Владимир Путин – претседател на Русија.

Трамп, кој се обидува да ја заврши војната, повторно изрази разочарување од Путин. Завршувањето на војната на Русија против Украина може да се покаже како потешко од постигнувањето мир на блискиот исток, смета американскиот лидер.

„Ова е лудо – едноставно лудо. Многу сум разочаран од Путин, мислев дека ова ќе биде лесно да се реши, но се покажа дека е уште покомплицирано од Блискиот Исток“, рече Доналд Трамп – претседател на САД.

Руската страна постојано ги отфрлаше предлозите за прекин на огнот, поставувајќи јасно неизводливи услови, а по преговорите лице в лице на највисоко ниво, дури и ги интензивираше нападите врз цивилната инфраструктура на Украина. Украина пак, бранејќи се од инвазијата која трае повеќе од три ипол години, изврши напади врз депоа за гориво и рафинерии за нафта во внатрешноста на руската територија.

 

Катерина Бојаџиева