Мицкоски од Тетово со повик до граѓаните да гласаат за развој и просперитетна иднина
Политиките на ДУИ ја испразнија Македонија и го намалија бројот на ученици Албанци – лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски со порака од митингот во Тетово. Ги повика граѓаните да гласаат за развој и просперитетна иднина. Бранислав Светозаревиќ, носителот на советничката листа од оваа партија вети почисто, побезбедно и поуредено Тетово …

„Еден од најголемите приоритети е квалитетот на живеењето на граѓаните, па покрај патната инфраструктура ќе се фокусираме на многу почиста средина од оваа што денес ја имаме, преку најразлични решенија за решавање на сообраќајниот хаос, поефикасен и бесплатен јавен превоз, поефикасно решавање на проблемот со градскиот смет, претоварна станица и селекција на отпад, обновување на водоводната мрежа, нов градски парк“ – ова во приоритетите го истакна носителот на советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ во Тетово, Бранислав Светозаревиќ.
Општина Тетово во рамките на вториот јавен повик за финансирање на инфраструктурни проекти од Владата аплицираше со 40 проекти во висина од 13 милиони евра. Светозаревиќ потенцираше дека за младите ќе се формира и дигитален центар, Младински културен центар, потоа центар за знаење и практични вештини, бизнис инкубатор.
Политиките на ДУИ ја испразнија Македонија и го намалија бројот на ученици Албанци. Јас нема да му одговарам на Али со неговата реторика, иако тој тоа го сака, тој моли да му одговорам на неговата национал-романтичарска реторика, јас на народот нема да му кажувам басни, туку реалност, рече пред тетовчани лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Укажа дека за една деценија има 27 илјади помалку ученици во Македонија. Затоа, рече Мицкоски, оваа наша борба не е само за избори – ова е борба за душата на Македонија. За држава што ќе нè спои, а не ќе нè дели. За иднина во која никој нема да биде поважен од другиот, и во која секој ќе има еднаква шанса да успее.
И после сите порази донесени од тандемот ДУИ-СДСМ, уште ли ќе нè убедуваат во нивните приказни и басни. Скапо Македонците и Албанците ја плаќаат нивната неспособност. Затоа Тетово да го издигнеме над она мочуриште политичко што тие го оставија. А изборот којшто го имаат тетовци на овие избори е да живеат со оние коишто само ги слушаат, зборуваат или пак оние коишто работат и испорачуваат-нагласи Мицкоски.
Миле А. Ристески
