Локални избори 2025

Димитриевски: Членови и поддржувачи на ЗНАМ трпат притисоци под директива на Венко Филипче

08.10.2025 17:45

Демократијата се тренира, но мора да излеземе од старите стереотипи, со фокус на иднината, вели кандидатот за градоначалник на Куманово и лидер на ЗНАМ, Максим Димитриевски. Тврди дека членството и симпатизерите биле под притисоци од актуелното раководство на СДСМ, под директива на Венко Филипче.

Членови и поддржувачи на ЗНАМ се повикуваат на разговори, трпат притисоци под директива на Венко Филипче и сегашното раководство на СДСМ, тврди кандидатот за градоначалник на Куманово и лидер на ЗНАМ, Максим Димитриевски. Посочи дека предложената националната платформа за заштита на македонските национални интереси, од СДСМ им била вратена неотворена.

„И затоа, Венко, повторно денес те повикувам-излези, соочи се, зборувај пред народот. Избери медиум, избери време, избери место! Како помош и логистика земи го со тебе и твојот ментор Зоран Заев, дури ако сакаш може да се соочиме и на Бихаќка, биди опкружен и со 200 партиски активисти околу тебе, од кои најголемиот дел секојдневно вртат кај нас во ЗНАМ и бараат спас од вашите небулозни чекори. Знам дека е тешко да се излезе од луксузот во кој живееш, лесно е да се ужива под сонцето на Дубаи, да се возат мотори и да се плови на јахти, но Венко, има нешто поважно од сето тоа. Овојпат не се работи за комфор и забава, овој пат станува збор за Македонија! Одважи се, покажи доблест, излези и погледни му на народот во очи! Јас ќе те очекувам со вистината, со документи, со љубов кон оваа земја“, изјави Максим Димитриевски, кандидат за градоначалник од ЗНАМ за Куманово.

Лидерот на ЗНАМ и кандидат за градоначалник на Куманово, вели дека ЗНАМ води позитивна кампања, бидејќи како што додаде само на тој начин може да се бара довербата од граѓаните.

Милчо Велески